По замрзнување на цените на лебот, тестенините и млечните производи, владата ги замрзна цените на оризот и јајцата од кокошка и донесе одлука со која го ограничи извозот на јајца.
Како основа за замрзнување се зема цената која ја имале овие производи на 15 март, а одлуката ќе важи до 30 април. За да се спречи недостигот на јајца на домашниот пазар, Владата донесе одлука најмалку 70 отсто од производството на јајца да се пласира на домашниот пазар.
Трговците имаат обврска јајцата да ги продаваат во количини во кои редовно се продавале во јануари и во февруари 2023, рече премиерот Димитар Ковачевски.
„За таа цел, а во пресрет на претстојните празници Велигден и Бајрам, со цел се спречи евентуален дисбаланс на домашниот пазар и недостаток на јајца од кокошка, се предлага производителите, најмалку 70% од домашното производство на јајца да го пласираат на домашниот пазар, а трговците на мало да продолжат да ја набавуваат вообичаената количина на јајца што ја набавувале во јануари и февруари 2023 година“, рече премиерот.
Министерот за економија, Крешник Бектеши уверува дека нема да дозволи зголемената побарувачка да ги крене цените за време на претстојните празници.
„За цената на јајцата најевтини сме во регионот, побарувачката е голема. Зголемување на цените заради зголемена побарувачка заради Велигден и Рамазан Бајрам нема да дозволиме“, најави министерот Бектеши.
Ваквата одлука значи дека Владата го штити стандардот на граѓаните, велат од СДСМ.
,,Мерките за намалување на цените на прехранбените производите даваат резултати, цените се намалуваат, повеќе пари остануваат во семејните буџети.Во време на криза, никој не е оставен сам. СДСМ продолжува со вистинска грижа за стандардот на граѓаните.”, велат од СДСМ.
Претходно беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб, кој сега се продава за 33 денари. Цените на млекото и на млечните производи се намалија за 10, а на тестенините за 15 проценти.
Минатите години, во пресрет на Велигден традиционално цените на зелените пазари се повисоки, а тешко се стигнуваше и до јагнешко месо. Традиционално, цените на продуктите на зелените пазари пред Велигден се зголемуваат за 20 проценти.