Левица: Победа на македонскиот народ – згасна фашистичкиот клуб „Ванчо Михајлов“

Македонскиот народ денес треба да се гордее што ги одбрани асномските темели на Републиката откога вчера одекна веста дека згасна клубот именуван по фашистичкиот крвник Ванчо Михајлов, велат од Левица.

„Македонски народе, кој го крена гласот и се побуни против глорификацијата на фашистичките крвници, кој се мобилизира и протестира против газењето на антифашистичките вредности, денес достоинствено покажа дека искрата на антифашизмот на нашите предци уште тлее во сите нас и дека АСНОМ ќе продолжи да живее!“, посочуваат во официјалната реакција.

Левица, додаваат од таму, како партија во чиј статут е зачувување на асномските вредности, беше единствена партија што организира два протеста во Битола против фашистичкото дувло и која во континуитет алармира до јавноста за опасноста од ваквите форми на глорификација. По иницијатива на Левица, како што велат од оваа партија, Уставниот суд оформи предмет за затворање на фашистичкиот клуб „Ванчо Михајлов“, а битолското Јавно обвинителство оформи предмет по поднесената кривична пријава на Левица.

„Му благодариме на македонскиот народ, кој масовно ни се придружи на протестите и повторно докажа дека воден од исконската мудрост, секогаш бил и ќе биде на правилната страна на историјата“, велат од Левица.

Треба да знаете
Последни објави