Семејството на девојчето од Кравари кое почина во битолската болница бара одговорност од лекарите.
„Ќерка ми Јана почина зашто лекарите ѝ дадоа гликоза после што ѝ се крена шеќерот на 19“, вели за „Слободен печат“ Стојче Христовски, од селото Кравари.
Неговата ќерка почина во битолската болница вчера, на возраст од 6 години.
„Температура немаше кога ја однесовме во болница, туку само претходниот ден па и дадовме сируп, и падна температурата. Ноќта си спиеше. Наредниот ден, матичниот лекар бил втора смена па ја однесовме сабајлето во болница. Сабајлето пред болница, рече дека ја болат ножињата и поврати шлајм на градите. Ми се јави сопругата, не нашла матична па ќе ја носиме во болница. Си влезе Јана во кола со одење, влеговме во болница. Отидовме во амбуланта на детско одделение. Шеќерот и го мереа и беше 9 иако нема дијабетес. Рекоа дека од што повратила, шеќерот и се качил на 9. Во меѓувреме и дадоа гликоза. И рековме на докторката дека шеќерот и е 9, таа рече „нема гајле“. Па и дадоа една инфузија чиста гликоза и тоа го гледаше сопругата која беше во иста соба со чупето“, раскажува Христовски за „Слободен печат“.
Откако состојбата на девојчето се влошила, како што раскажува тој, персоналот го фатила паника.
Во изјава за Фактор, директорот на болницата д-р Александар Обедниковски изнесе детали за неговата здравствена состојба.
-Девојчето беше примено вчера во 10 часот изутрина на Одделението за педијатрија. Во однос на здравствената состојба можам да кажам дека е донесено деходрирано, со отоци на очите и со нагони за повераќање. Тука поврати само еднаш, а според тоа што го кажа мајката, дома повраќало два пати, но неколку дена претходно било болно. Почина точно во 14.00 часот, по четири часа откако беше примено. Други детали не можам да соопштам бидејќи случајот веќе се истражува, рече д-р Обедниковски за Фактор.