„Градот Скопје е одговорна институција, институција во која важат законите, процедурите и системските решенија наспроти политичките манипулации и инсинуации. Граѓаните на градот Скопје имаат право да живеат во модерен град во кој сите имаат еднакви можности, изјави скопската градоначалничка Данела Арсовска по потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Европската инвестициона банка за 70 милиони евра грант за изградба на пречистителната станица во Скопје.
И тоа истата пречистителна станица чија изградба требаше да почне уште во март минатата година и која беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба. Следуваа разрешувања на директори и други функционери, смени во комисијата која треба да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица, а тоа беше почеток на „расколот“ меѓу Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ што ѝ помогна да биде избрана.
А Арсовска на церемонијата се однесуваше како да станува збор за сосема друга пречистелна станица, како да заборави на „рачињата во медот“ и дека како прв човек на Скопје го загрози интересот на скопјани заради политичките манипулации и инсинуации.
Договорот за грантот го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик претседателката на Европската инвестициска банка одговорна за Западен Балкан, Лилјана Павлова и министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, во присуство на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Потпретседателката на Европска Инвестициона банка Лилјана Павлова на прес конференцијата во Клубот на пратеници ги демантираше обвинувањата на Арсовска дека поранешниот директор на ЈП Водовод и канализација Златко Перински влијаел на тендерската документација за изградба на пречистителната станица и додаде дека проектот е кристално чист и без никакви проблеми, укажувајќи дека Европската Инвестициона Банка не утврдила никакви отстапки од она што е воспоставено како правила и процедури од нивна страна.
Сепак, на новинарските забелешки за нејзиното инсистирање за „рачињата на Мицкоски и другите бвровци“ во медот, Арсовска тврди дека евентуалните пропусти во процесот на јавна набавка за пречистителната станица биле спречени поради нејзиното навремено дејствување.
-Нема проблем затоа што не дозволивме да го има, рече вчера Арсовска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, повикувајќи се на изјавата на потпретседателката на ЕИБ, порачаа дека проектот поради кој Арсовска го разрешила нивниот кадар од „Водовод и канализација“, е кристално чист.
-Овој проект беше директно саботиран од Данела Арсовска манипулирајќи дека е криминален, и дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се со рацете во медот. Арсовска се однесува како да има колективна амнезија на сеќавањето. И, сега, откако го одобри, ќе се прикажува како за спасител на проектот кој го саботираше. Вчера на потпишувањето на грантот од ЕИБ, за изградба на пречистителната станица во Скопје, паднаа маските и сите лаги, кои беа упатени кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Златко Перински, во тој момент директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје. Знаеме дека Арсовска црвенеејќи присувствувала на вчерашниот настан, за проект кој прво се обиде да го урне, од само за нејзе познати цели, а во исто време да слуша во живо како ја демантираат директно од ЕИБ и со лажна насмевка истото да го проследи. Но, на лагата и се кратки нозете, рекоа од партијата.
Оваа епизода, колку што ги наруши односите меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, со чија поддршка таа стана градоначалничка ја потврди и нефункционалноста на Градот Скопје под раководство на Арсовска.
Особено што ова не е прв обид за стопирање на проекти. Истото се случи и со „Бас рапид транзит“, проект кој го почна Петре Шилегов, претходникот на Арсовска. Таа дојде на кормилото на Градот со став дека на Скопје му треба добар менаџер, но не успеа да ги изменаџира ни односите со директорите на јавните претпријатија. Тој однос се рефлектираше со именувања и брзи разрешувања на директори, а најчесто со нивни оставки.
Директивите на ЕУ јасно укажуваат на забрана за испуштање на отпадни води во реките, езерата и подземните води ако претходно не се третираат во пречистителни станици. Без изградба на пречистителни станици за отпадни води, земјава не може да ги задоволи европските стандарди за животна средина.
Изградбата на ПСОВ сè ущте не е започната, а проектот вреден 136 милиони евра треба да биде завршен до 2030 година. Пречистителната станица за отпадни води за Скопје (ПСОВ), која треба да се гради во Трубарево,
Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет. Ќе се намали и протекувањето, па 70 отсто од искористената вода ќе може да се употреби што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население.