Битолчанец (45) пред два дена завршил на скопската Клиника за токсикологија во лоша здравствена состојба, ова во изјава за „Фокус“ го потврдил директорот на болницата, Ридван Бајрами.
Пациентот, според првичните информации, тврдел дека во кафуле во Битола побарал кисела вода и се отрул по само една голтка.
Човекот изјавил: „Се напив една голтка и осетив дека не е вода“.
„Пациeнтот има интоксикација со корозивно средство. Не знаеме како дошло до тоа, но таква изјава дава – дека бил во кафуле и кога ја отворил водата, од првата голтка почувствувал дека тоа не е вода“, рекол директорот на болницата за медиумот.
Полицијата соопшти дека на 21.3.2023, околу 15.30 часот, во СВР Битола, Л. Б. од Битола пријавила дека на нејзиниот брат А. Т. (42) од Битола му се слошило откога испил кафе и вода во угостителски објект во Битола по што бил пренесен и задржан во Клиничката болница во Битола.
Според пријавеното, А. Т. испил кафе и побарал пакувана вода, а кога ја испил течноста, му се слошило.
За настанот бил запознаен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Битола.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од полицијата.