Оствареното во рамки на активностите за субвенционирање на туристичката дејност, тековната исплата на субвенциите, најчестите грешки, бројот поднесени и бројот одобрени субвенции, како и динамиката на исплатата за 2022 година беа тема на разговор на денешната средба во Охрид на претставниците на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот со тур-операторите од Охридско-струшкиот регион.
Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, изрази задоволство што се реализирани речиси 99 отсто од субвенциите за 2022 година, а за тековната 2023 се исплатени околу 18 милиони денари.
– Очекуваме динамиката да продолжи во текот на целата година, а тоа се одразува позитивно врз довербата помеѓу домашните и странските тур-оператори, како и сезоната 2023/2024 која што очекуваме да биде многу подобра за разлика од 2022, рече тој.
Според него, очекувањата и целите за претстојната 2023 година се надминување на бројката од 3,2 милиони ноќевања.
– Очекуваме од примарните и од секундарните пазари да имаме помеѓу 20 и 40 проценти раст, што ќе овозможи зголемување на туристите, а тоа се должи на уште поголемиот број интерес на тур-операторите, како и новите линии коишто се воведуваат и за Охрид и за Скопје и новите пазари со коишто веќе имаме одлични конекции. Се надеваме дека поголем број кружни патувања ќе имаме во 2023 година во рамките на „Отворен Балкан“, истакна Јаневски.
Очекувањата на индустријата, како што рече, се позитивната динамика во туристичкиот сектор регистрирана минатата година да продолжи, со фокус ставен врз ребрендирањето на дестинацијата, преку активирањето на саемските манифестации и понуда на различен туристички сегмент…
– Изминатата година туристичката индустрија покажа сосема поразлично лице и поразлични интереси на туристите. Се прилагодуваме на промените, но и создаваме нови вредности во туристичката индустрија токму кај нас со кои што веќе во светски рамки се разликуваме од останати дестинации, рече Јаневски притоа посочувајќи ги еногастро концептот, активните форми на туристичка понуда, УНЕСКО како препознатлив бренд на Охрид и Струга, културниот туризам.
Тој истакна дека дополнително се очекува претстојната сезона да придонесе и во креирањето нови понуди за самата дестинација.
Според податоците на АППТ, туристичката индустрија во 2022 година во македонската економија влеала околу 480 милиони долари туристички промет, кој е за 21 процент подобар од најдобрата година во туризмот односно во 2019.