Гувернерот на Централната банка на Хрватска, Борис Вујиќ во ексклузивно интервју за МИА оценува дека актуелните случувања со банката во Силиконската долина и со Кредит Свис нема да се одразат врз банкарскиот сектор во регионот, каде генерално има традиционален модел на банкарство.
Во видео интервјуто снимено за време на неговиот престој во Скопје, каде се одржува Виенската иницијатива, Вујиќ појаснува дека се работи за два случаи кои се сосема поинакви од генералната состојба на банкарскиот сектор во Европа и регионот.
– Што се однесува до американската банка, таму од една страна имаше регулаторен пропуст со тоа што една таква банка не беше третирана како системска банка, не беше подложна на стрес тестовите, што ние ги спроведуваме во банките и зголемен надзор како што имаат системските банки. Дури откако пропадна де факто доби статус на системска банка кога се гарантираа сите депозити во таа банка. Тоа беше банка која имаше и атипична структура, имаше над половина од вкупната актива во американски хартии од вредност што не е карактеристично за банкарското работење. Од друга страна имаше брз раст на депозитите на што очигледно не реагирале навреме и тоа доведе до пропаст на таа банка, вели Вујиќ.
Во случајот со Кредит Свис, Вујиќ вели тоа не е нешто што ја изненадило банкарската фела затоа што банката веќе подолг период имала проблеми кои очигледно не успеала да ги надмине.
– Таа првенствено имаше проблеми со своето инвестициско банкарство, што не е типично за банкарството во Европа, а посебно не во регионот, така што би рекол дека тоа се случаи кои ќе немаат некакви типични ранливости врз банкарскиот систем во Европа, а посебно не во регионот и во Македонија која има традиционален, конзервативен модел на банкарство. Во тој контекст, овие случувања нема да значат ништо во смисла на најава на какви било проблеми во банкарскиот систем, потенцира Вујиќ.
Во интервјуто, Вујиќ зборува и за тоа колку е отпорен македонскиот банкарски систем на вакви шокови и кога може да очекуваме олабавување на монетарната политика.
Интервјуто ќе биде објавено во целост утре со видео материјал.