ГРЕТА: Законската рамка за борба против трговијата со луѓе е подобрена, но потребна е подобра имплементација

Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) во својот извештај за евалуација објавен денеска го поздравува напредокот на Северна Македонија во развојот на законодавната рамка за борба против трговијата со луѓе, но повикува на нејзина подобра имплементација во однос на пристапот на жртвите до правда и ефективни правни лекови.

Врз основа на посетата на ГРЕТА на земјата во март минатата година и информациите обезбедени од властите и граѓанското општество, извештајот забележува дека бројот на формално идентификувани жртви е низок (помеѓу две и девет годишно, освен во 2021 година кога имало 39), а трудовата експлоатација е доминантна форма на експлоатација.

Подобрувањата на законодавната рамка го вклучуваат Законот за странци од 2018 година, Законот за исплата на паричен надоместок на жртвите на насилен криминал донесен во ноември 2022. ГРЕТА го поздравува назначувањето на Канцеларијата на Народниот правобранител за национален известувач за борба против трговијата со луѓе.

ГРЕТА смета дека одредбите за правна помош на жртвите на трговија со луѓе немаат јасност и забележуваат празнини во нивната примена. Ги повикува властите да обезбедат јасна основа за давање правна помош штом има разумни основи да се верува дека некое лице е жртва на трговија со луѓе.

Жртвите треба да имаат ефективен пристап до пазарот на трудот и да им се обезбеди стручна обука и вработување за да се зајакне нивната социјална и економска вклученост.

И покрај тоа што го поздравува формирањето на Национална единица за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти и зголемувањето на бројот на пресуди во споредба со претходниот период на оценување, ГРЕТА забележува дека во повеќето случаи казните биле далеку под законскиот минимум.

Експертската група за борба против трговија со луѓе на Советот на Европа ги повикува властите да ги зајакнат човечките, финансиските и техничките капацитети на агенциите за спроведување на законот за да им овозможат проактивно да ги истражат престапите за трговија со луѓе, користејќи ги сите можни докази, вклучително и доказите собрани преку посебни истражни мерки. како и финансиски и дигитални докази.

Во врска со имплементацијата на претходните препораки на ГРЕТА, извештајот ја поздравува обуката обезбедена за трудовите инспектори, но ги повикува властите да го разјаснат мандатот на Трудовиот инспекторат и да му обезбедат соодветни човечки и финансиски ресурси.

Добредојдена е и ревизијата на Стандардните оперативни процедури на Северна Македонија за третман на жртви на трговија со луѓе и работата на пет мобилни тимови за идентификација на можни жртви на трговија со луѓе. ГРЕТА повикува на натамошно зајакнување на идентификацијата на жртвите со вклучување на Полициската единица за борба против трговија со луѓе во заедничките инспекции со Трудовиот инспекторат и во рациите што ги спроведуваат другите полициски единици во просториите каде што најверојатно ќе бидат откриени жртви.

ГРЕТА е загрижена поради континуираното отсуство на безбедно сместување на жртвите на трговија со луѓе и недостатокот на соодветно сместување за децата жртви. Затоа, ГРЕТА ги повикува властите да обезбедат соодветни финансиски и човечки ресурси за помош на жртвите на трговија со луѓе, вклучително и од специјализирани невладини организации кои имаат мандат да пружат помош, и да обезбедат на сите жртви на трговија со луѓе да им се гарантира ефективен пристап до јавната здравствена заштита.

Групата експерти за акција против трговијата со луѓе (ГРЕТА) е независно тело кое го следи начинот на кој земјите ја спроведуваат Конвенцијата на Советот на Европа за акција против трговијата со луѓе. Сите земји-членки на Советот на Европа се обврзани да ја почитуваат конвенцијата.

Треба да знаете
Последни објави