Инспекции ја тресат болницата во Битола по смртта на шестгодишното девојче, причината за смртта не е утврдена

Вонредниот надзор кој треба да утврди како починало шестгодишното девојче од Битола е во тек, а досега, здравствените институции не го контактирале семејството кое излезе во повеќе медиуми со свои тврдења за тоа што се случило при лекувањето на Јана.

Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека ќе се утврди фактичката состојба, па ќе се дадат сите информации.

„Да имам информации. Разговаравме и вчера и денеска. Отпочнат е вонреден надзор. Информирано е јавното обвинителство. Сите детали откако ќе ги имаат институциите, ќе бидат споделени со јавноста. Треба врз основа на факти да се утврди објективната состојба и врз основа на тие факти да се направат соодветни санкции таму каде ќе биде потребно“, кажа Ковачевски.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити кажа дека го чекаат исходот од надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Тој очекува до крајот на денот да се имаат и конкретни информации.

„Штом слушнавме, веднаш постапивме. Инспекциските служби се таму, чекаме информации. Со семејството немавме контакт. Чекаме исход од ДСЗИ и веднаш ќе бидете известени за целото постапување“, кажа министерот Фатмир Меџити.

Обвинителството има издадено низа насоки и наредби за да се извршат провери за тоа како било лекувано петгодишното девојче во битолската болница, каде што и почина. Причината за смртта досега не е утврдена, велат од Обвинителството.

Петгодишната Јана почина завчера (среда) во Клиничката болница во Битола. Директорот Александар Обедниковски кажа дека таа била донесена дехидрирана со покачена температура, повраќање и со оток на очите.

Сведоштво за последните моменти на Јана, имаше и нејзиниот татко за „Макфакс“.

Тој и неговата сопруга се убедени дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот и е деветка. По инфузија шеќерот и се искачил на 19 и состојбата и се искомплицирала, а по три часа им соопштиле дека починала.

Треба да знаете
Последни објави