Преземено од Цивилмедиа.мк
СНЕЖАНА ТРПЕВСКА
Проф. д-р Снежана Трпевска, социолог, истражувач од Институтот РЕСИС, на покана на ЦИВИЛ Медиа, изнесува свои видувања за состојбите во поглед на ширењето на дезинформациите и пропагандата во медиумите во земјава, а во контекст на истражувањата на оваа појава.
За поимите и појавите од насловот знаеме само нешто општо. Дека има дезинформации и пропаганда, дека се шират најбрзо на социјалните мрежи, дека за тоа придонесува лесната достапност до мрежите и дека корегирањето на лажните, злонамерните и погрешните информации е исклучително тешко. Или пак, имаме само анедоктално знаење. Знаеме само за поединечни случаи, но не можеме да извлекуваме прецизни и веродостојни заклучоци за вкупната состојба.
За ширењето на дезинформациите кај нас речиси ништо не знаеме
Зошто го велам ова? Па, да допрецизираме: дали зборуваме за ширење дезинформации во период на здравствена криза, кога се случува војна или несреќи, во секојдневната политика или некоја друга област, дали зборуваме за мисинформации или злонамерно ширење политичка пропаганда, дали зборуваме за тоа каде и колку се шират тие содржини, дали зборуваме за тоа колку граѓаните ги препознаваат и колку тие содржини влијаат врз нивното мислење и ставови?
Ме зачудува тоа што многу аналитичари и експерти зборуваат јавно за оваа тема, но ретко своите ставови ги аргументираат со истражувачки податоци. А, и тогаш кога некои велат дека направиле истражување, најчесто станува збор за методолошки несоодветни зафати, врз основа на кои не можат да воопштуваат за тоа каква е состојбата.
За потребите на оваа елаборација, на пример, едвај успеав да пронајдам истражувачки студии на оваа тема објавени минатата година. Ќе земам за пример една студија која во насловот тврди дека ги истражува ефектите од ширењето на дезинформациите и странските влијанија во земјава. Во студијата се прави двојна методолошка грешка.
Прво, се вели дека се истражени ефектите од дезинформациите кај популацијата, но е употребен истражувачки дизајн со кој не можат да се утврдуваат ефекти – со анкета е истражено мислењето и перцепциите на граѓаните за тоа колку се шират дезинформации или колку се штетни. Во методологијата е познато дека ефектите се истражуваат со експериментален дизајн, а не со анката.
Второ, не само што не се истражени ефектите, туку од перцепциите на граѓаните се извлекуваат заклучоци за фактичкото ширење на дезинформациите на социјалните мрежи. Во методологијата што денес се применува во истражувањето на ширењето на дезинформациите на социјалните мрежи се користат софистицирани алатки на научната областа што се нарекува „Наука за податоците“ (Data Science), со кои (и квалитативно и квантитативно) се истражува содржината што се шири преку мрежите, а не перцепциите на граѓаните.
Отсуство на теоретска заснованост, мешање на поимите и занемарување на претходни емпириски истражувања од други земји
Истражувањата кои се спроведуваат кај нас се најчесто без солидна теоретска подлога, не се надоврзуваат на изграденото научно знаење за проблемот што се истражува, а мошне често не прават разграничување меѓу клучните поими или погрешно ги користат поимите. Така, аналитичарите и истражувачите кај нас користат различни поими со различно значење, без да се обидат барем малку да навлезат во доминантните теоретски концепти и расправи за овие поими. На пример, Третата грешка на спомената домашна студија за „ефектите од дезинформациите“ е што во неа поимите ‘дезинформации’ и ‘лажни вести’ се користат со исто значење, како содржини или информации што неточно ја претставуваат реалноста. Овде се прави конфузија или едначење на повеќе поими што се користат во истражувањето на проблемот на “информацискиот хаос“ што го создаде дигитализираната комуникација: мисинформации, лажни вести, гласини, дезинформации и малинформации.
Кои се нијансите во различното значење на овие поими?
Мисинформациите се дефинираат како лажни или погрешни информации што се шират ненамерно, и тие се првиот поим кој го привлече вниманието на истражувачите поради нивното влијание врз претседателските избори во САД во 2016 година. Дезинформациите, според општоприфатеното значење, се информации кои се исто така лажни или погрешни, но се шират намерно. Гласините, пак, се употребуваат во смисла на неверификувани информации или изјави кои оставаат впечаток на неизвесност во однос на некој настан. Лажните вести, се употребуваат во значење на мисинформации, но тие се во формат на новинарски вести. Малинформациите се точни информации кои се шират во различен контекст со намера да шират омраза или да направат штета. Се разбира, во реалноста ова не е така јасно разграничено.
Според тоа, во споменатата анкета, во одговорите на поставените прашања, граѓаните под поимот дезинформации веројатно разбрале различни нешта, односно веројатно помислиле дека дезинформација е секоја изречена лага во јавниот простор, намерна или ненамерна грешка, злонамерна конструкција на странски извор, или критичка содржина изречена од еден кон друг политичар и сл. Оттаму, не ме изненадува што во главните наоди на студијата стои дека граѓаните сметаат дека политичарите и медиумите се најчест извор на дезинформации кај нас. Но, како што нагласив и претходно, ова не е методот со кој може да утврдите какви содржини и со кој обем се шират во онлајн просторот.
Општествените импликации од истражувањата и начините на справување со дезинформациите
И на крајот, но сепак најважно, најголемата грешка што се прави со овие истражувања е кога се извлекуваат заклучоци и препораки како да се промени нешто или како општеството да се справи со овие појави. Така, еден од заклучоците на студијата што ја земам за пример е дека најголем дел од граѓаните се согласиле дека е потребен закон за спречување на дезинформациите. Ако вие во истражувањето така сте им го поставиле прашањето на испитаниците, очекувајте дека така и ќе ви одговорат. Потоа, ако велите дека е тоа еден од главните заклучоци, имплицирате дека навистина е потребен таков закон, без да сте свесни за сериозната опасност што со таков закон може да ѝ се нанесе на слободата на изразувањето на интернет. Една авторитарна власт може да го искористи таквиот закон за да санкционира содржини објавени на критичките медиуми, или изјави на социјалните мрежи од критички поединци, со аргументот дека се ‘лажни вести’ или ‘дезинформации’.
Слободата на изразување може да се ограничи со закон само кога со некоја содржина (независно од формата) може да се загрози безбедноста, јавното здравје, кога се користи говор на омраза или се дискриминираат припадници на групи и заедници, кога се загрозува приватноста на поединци, или кога се врши некое кривично дејствие. Ние и сега имаме законски решенија за справување со екстремни содржини во јавната сфера со кои може да се нанесе штета или да се загрозат правата на групи и поединци. Најнов пример за тоа беше реагирањето на институциите на подкастот на Јујтјуб инфлуенсерот во кој имаше говор со кој се „оправдуваше“ родово засновано насилство. Она што мене ме радува во тој случај е реакцијата на јавноста, која впрочем беше „гласот што допре“ до институциите.
Сакам да кажам дека борбата со дезинформациите, мисинформациите и другите слични содржини на социјалните мрежи треба да се води пред се со други средства – преку образованието, преку притисок на јавноста, преку разобличување на таквите содржини и ширење на проверени и точни информации. Се разбира, ова многу зависи од темата со која се поврзани дезинформациите. Дезинформација поврзана со медицината и здравјето полесно се разобличува со објавување научни факти и изјави на стручњаци и експерти. Но, во сферата на политиката, на пример во периоди кога политичарите водат жестоки кампањи едени против други, стратегиите на справување со дезинформации се малку ефикасни бидејќи е познато дека луѓето ги прифаќаат оние информации што ги потврдуваат нивните претходни политички предубедувања.
Ширење на дезинформациите и мисинформациите во периоди на избори
Едно регионално истражување на ширењето дезинформации, мисинформации и лажни вести во време на изборна кампања, во кое учествуваше и Институтот РЕСИС, беше спроведено во периодот од 15 јуни до 8 јули 2020 година, кога кај нас се одвиваше кампањата за парламентарните избори во 2020 година. Истражувањето се состоеше од квалитативна и квантитативна анализа на содржини објавени на информативни портали, блогови и на јавни профили на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Секоја недела беа пребарувани и анализирани стотици написи, објави на блогови и објави на социјалните мрежи. Пред да се спроведе квантитативниот дел од анализата, лоциравме определен број наративи (или теми) што во периодот кога се реализираше истражувањето се поврзуваа со ширењето мисинформации и дезинформации. Такви теми беа корупцијата во политиката, односите на земјата со Русија, НАТО и Европската унија. Потоа, врз основа на квалитативна анализа на текстови поврзани со овие наративи беше конструиран Речник од клучни поими, што се користеа при компјутерското пребарување на објавени текстови на порталите, блоговите и социјалните мрежи. Текстовите собрани со пребарувањето, потоа, се анализираа од различни аспекти: изворите (означени како вектори на дезинформации), бројот на лајкови и споделувања на мрежите, бројот на коментари и други параметри што укажуваа на обемот и досегот на споделените содржини меѓу популацијата.
Резултатите од анализата покажаа дека сите детектирани дезинформациски наративи се засилуваат како што се приближуваат изборите и како што се зголемува активноста на луѓето на интернет. Во двете анализирани недели беа анализирани различни модели на ширење дезинформациските кампањи, при што една приказна се развиваше и се издвои по интензитетот на објави и по влијанието врз натамошниот тек на изборната кампања – тоа беше приказната што содржеше наводи дека тогашниот премиер прифаќал незаконски донации од странски актер. Беа забележани и други доминантни дезинформациски наративи што засилено се ширеа во тој период, поврзани со: нарушување на перцепцијата за рамнотежата меѓу Русија и НАТО и корупцијата на политичари од власта во врска со пандемијата од Ковид 19. Текстовите за НАТО, Русија и корупцијата поврзана со пандемијата имаа огормен број спомнувања и значаен ангажман кај публиката на мрежите (лајкови, коментари, споделувања). Секоја од овие теми имаше голема политичка важност во изборната кампања, особено темата поврзана со влезот на РСМ во НАТО, при што во оваа онлајн дебата често спомнуван актер беше и Русија. Таа проминентност на Русија доаѓаше не само од нејзината меѓународна улога, туку и од вештачкото „вметнување“ во македонскиот еко-систем од страна на информативните портали наклонети кон нејзината меѓународна политика.