Директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, вечерва во „Топ тема“ зборуваше за случајот со тунелот за бегство кој го ископале затвореници во затворот „Идризово“. Негова проценка е дека приближно 12 трактори би биле потребни за да се изнесе таа земја од затворот. Не е јасно каде завршувала земјата, но Стојановиќ се сомнева дека постепено е фрлана во кеси во депонијата во близина, а потоа со ѓубретарка изнесувана надвор од затворот.
-Минимум 12 трактори би биле потребни. Претпоставувам не е направено во еден месец, туку процесот траел подолг период. Таму нема покриеност на затворската полиција, нема затворски полицаец да ги надгледува осудениците. Факт е дека затворот има слаба екипираност, тоа е слабоста – рече Стојановиќ во Топ Тема на Телма.
Тој исто така се согласува дека условите во затворот не се добри, а како причина за тоа, ја наведе пренатрупаноста.
Стојановиќ потврди дека на 1.100 осуденици во Идризово има само еден лекар и еден психијатар кој доаѓа еднаш неделно.