„Ќе продолжат, притисоците нема да престанат. Ако мислите дека ќе се откажат, нема да се откажат. Затоа што овие од Владата бараат да се прават притисоци. Нема проблем, јас немам проблем да ги истрпам тие притисоци. Тие притисоци се и ќе продолжат. Дали се жестоки? Да, жестоки се. Но, она што е поразлично од Преспа е што ВМРО-ДПМНЕ е консолидирано, обединето, и нема слаба алка внатре. Сега не се други центри на влијание, сега ВМРО-ДПМНЕ како целина е центар на влијание. Единствено е ВМРО-ДПМНЕ, политичките ликови во ВМРО-ДПМНЕ се единствени не затоа што водиме инает, туку затоа што сакаме да добие овој народ нешто. Да ја смениме перцепцијата и чувството за нас политичарите кај луѓето. Доста го краде, доста го лажеа и доста го понижуваа. Затоа што веруваме дека ова што го правиме е историја, генерациите по нас нека судат дали сме постапувале правилно или сме биле погрешно разбрани. Но, едно сакам да знаат и мојата порака е јас лично ни милиметар нема да се поместам и ќе ги истрпам сите притисоци од каде и да идат”, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Илинден.
„ВМРО-ДПМНЕ има план кој што е составен од три дела и кој што е дел од тој план, и кој што содржи национални елементи, политички елементи, но и економски план за помош на граѓаните. И дека подготвени сме тој план веднаш откако ќе завршат изборите да го ставиме на располагање на дипломатите од ЕУ, да разговараме по тој план и тој е единствениот план за надминување на сегашната ситуација односно ќорсокак во кој што нѐ донесе Владата на ДУИ подржана од СДСМ”, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека овој Парламент нема мандат да менува Устав. Овој Парламент треба час поскоро да се самораспушти, да се оди на предвремени парламентарни избори и секоја политичка партија и коалиција треба да излезе со јасен план и визија за надминување на проблемот бидејќи проблемот е тука. Не може да се игнорира проблемот. ВМРО-ДПМНЕ власта ја предупредуваше, односно беа три пати предупредени дека создаваат проблем. Но, власта одлучи да продолжи да го создава тој проблем мислејќи дека на тој начин ќе им бидат заборавени и простени сите криминали и сето она што лошо го направија. Мислејќи власта дека ќе потпише и со тоа ќе се сѐ заврши.
„Повторно ВМРО-ДПМНЕ денеска се однесува зрело и сериозно и нуди план за излез од кризата. Но, прв чекор е предвремени парламентарни избори”, рече Мицкоски.