Бугарските медиуми го етикетираат претседателот Радев како човекот на Кремљ

Одлуката на претседателот на Бугарија Румен Радев да се спротивстави на приклучувањето кон договорената заедничка европска набавка на милион артилериски гранати за Украина, како и неговото одбивање да испрати оружје од советско производство за Киев, резултираше со негово етикетирање како „сојузник на Кремљ“ од страна на дел од медиумите кај источниот сосед.

Бугарскиот претседател Радев, кој е поранешен воен пилот, го правдаше одбивањето за приклучување на неговата земја кон планот за заедничко обезбедување на муниција за Киев со нестабилната домашна политичка ситуација, во која преодната влада не е расположена да обезбеди воена помош за Украина, како и со определбата за „поддршка за дипломатските напори за постигнување мир“.

– Седумнаесет земји-членки на ЕУ го поддржуваат договорот за обезбедување артилериски гранати за Украина, а 10 земји не го поддржуваат. Бугарија не е меѓу земјите кои ќе нарачуваат муниција за Украина. Бугарија го поддржува европскиот механизам за градење мир – истакна Радев во Брисел.

Одредени бугарски медиуми неговите потези ги оценуваат како „играње по руски ноти“ и како уште една потврда дека Радев е „промосковски“ ориентиран.

Бугарскиот парламент моментно е распуштен во пресрет на петтите предвремени избори во изминатите две години, што се закажани за идниот викенд.

Бугарскиот претседател, засега, според пишувањата во Софија, ги игнорира и барањата на САД кои наводно предвидуваат модерни американски противвоздушни системи како замена за бугарските С-300 (од советско производство) кои би биле пратени во Украина.

Треба да знаете
Последни објави