Будимпешта нема да ги поддржи евроатлантските интеграции на Киев поради забраната на училиштата на унгарски

Будимпешта нема да ја поддржи кандидатурата на Киев за евроатлантските интеграции сѐ додела се загрозени училиштата на унгарски јазик во Украина, ѝ предочил министерот за надворешни работи Петер Сијарто на помошничката на генералниот секретар на Обединетите нации, Илзе Бранд Керис.

Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот.

Како што пренесува во саботата унгарската новинска агенција MTI, Сијарто во петокот вечерта во седиштето на ОН во Њујорк за темата разговарал со Керис на којашто ѝ ја изразил загриженоста за одржувањето на училиштата на унгарски јазик во Украина.

Унгарија нема да ја одобри украинската кандидатура на Украина за влез во Европската унија и во НАТО сѐ додека властите во Киев продолжуваат да ги дискриминираат етничките Унгарци кои живеат во соседната земја, повторил уште еднаш Сијарто.

„Додека ние ги прифаќаме децата избегани од Украина во 1.300 училишта и детски градинки во Унгарија, во Украина се заканува затворањето на 99 основни и средни училишта поради локалниот закон за образование“, објави по разговорите во Њујорк, Сијарто на Facebook.

По превратот во Киев поддржан од Западот во 2014 година, во Украина се донесени низа закони со коишто постепено се намалуваа правата на малцинствата од соседните земји. Во прв ред ударот беше насочен врз користењето на рускиот јазик кој тогаш како мајчин го наведуваат речиси половината од украинското население, што и беше една од причините за бунтот и отцепувањето на руското и рускојазично мнозинство во Донбас и на Крим.

Потоа следуваа и рестрикциите и за користење на јазиците на другите етнички малцинства во образованието, медиумите па и во секојдневната употреба, на што најостро реагираше Унгарија.

„Во текот на изминатите осум години украинските власти ветуваат дека ќе го разрешат овој проблем, но во стварноста не сторија ништо во таа смисла“, посочува во објавата шефот на унгарската дипломатија.

Сијарто додава дека поради тоа и ја известил помошничката за човекови права на генералниот секретар на светската организација за унгарскиот став за украинските интеграција во западните евроатлантски интеграции.

Владата во Будимпешта уште во 2018 година предложи меморандум, кој беше адресиран до врвот на НАТО и на земјите сојузници, во кој повика да се преиспита политиката на Алијансата во однос на Украина поради кршењето на етничките и граѓански права. Во споменатиот меморандум особено беше истакнато дека „реформирањето на Украина доживеало неуспех“. Унгарската влада му забележува на Киев дека не успеал да оствари напредок „и покрај невидениот досега степен на политичка поддршка и финансиска помош“.

Тензиите во односите меѓу Унгарија и Украина се појавија во 2015 година во заднината на дискусиите за украинскиот закон за образованието, којшто, меѓу другото многу ја намалува можноста за образование на други јазици на националните малцинства. Во законот донесен во 2014 година, беше забрането и користењето на јазиците во регионалните самоуправи.

Треба да знаете
Последни објави