Министерката за одбрана Славјанка Петровска во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на телевизија АлСат зборуваше за можната донација на хеликоптери на Украина, како и за тоа што Северна Македонија добива за возврат по одлуките за донација на опрема и вооружување на оваа земја која ја брани својата сувереност.
-Што добива Северна Македонија за возврат е прашање кое е исто така легитимно да се постави. Само за помалку од една година САД одобрија користење на финансиски средства во износ од 139 милиони долари, тоа е неколкукратно повеќе од тоа што ние сме го донирале. Тие се за поддршка на Планот за модернизација на нашата Армија, односно сето она што е предвидено да се набавува и оваа и наредните години, истакна министерката.
За плановите за набавка на нови хеликоптери, министерката информираше дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.