Министерката за одбрана најави втора тужба против Ковачки

Министерката за одбрана Славјанка Петровска најави денес, на седницата за пратенички прашања во Собранието, дека многу бргу ќе поднесе втора тужба против пратеникот од опозициската ВМРО ДПМНЕ, Драган  Ковачки околу тврдењата дека преставници на военото разузнување биле уапсени во Косово додека биле таму во тајна мисија.

Петровска покажа официјален допис од косовските власти во кој како што рече стои дека таков настан воопшто не се случил, порачувајќи му дека, ако има сомнеж во нејзиниот капацитет да ја води одбраната да покрене интерпелација за неа, место да бара од премиерот Димитар Ковачевски да ја разреши со тврдењето дека била ментално и психички нестабилна. 

Ковачки претходно читаше извештај од психијатриско вештачење според кое на министерката и се треселе рацете, не можела да задржи мисла, била збунета и конфузна, чувствувала немир и морала да вложи двојно напори за да ја врши работата, за што и била препишана тримесечна терапија со седативи. Петровска возврати дека тоа е извадок од вештачењето на нејзиното однесување откако Ковачки ја изнел првата бескрупулозна лага за неа (дека поседува хациенда) за што веќе покренала судска постапка.

„За таа лага ќе се видиме на суд, а многу брзу ќе се видиме и за најновата за Косово“, рече Петровска која му порача дека е и здрава, стабилна и подготвена да возврати на сите лаги и конструкции од негова страна.   

Треба да знаете
Последни објави