Денеска, на завршниот финален натпревар во средношколска кошарка помеѓу екипите на СУГС „Никола Карев” и СУГС „Јосип Броз Тито”, што се одигра во СЦ Борис Трајковски, Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, ги додели наградата и пехарот на победничката екипа на средното училиште на Град Скопје “Никола Карев”.
– Со особено задоволство сме денеска тука за да ги поддржиме учениците кои се дел од средноучилишните лиги во екипни спортови. За учениците секое учество во овие натпревари е поттик да се дружат, да спортуваат и да бидат успешни спортски примери. Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје во екипните спортови учествуваа 124 екипи од 29 градски, државни и приватни средни училишта од Скопје, а се одиграа над 236 натпревари на кои настапуваа преку 2000 ученици. -истакна градоначалничката Арсовска.
Во завршните натпревари на препознатливите градски полуфинални и финални натпревари, кои во текот на месец март се одиграа Скопје, се издвоија најдобрите екипи во средноучилишните лиги за учебната 2022/2023 година во екипните спортови футсал, ракомет, кошарка и одбојка, во машка и во женска конкуренција.