Денеска, (29.03.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на трибина насловена „Криминалистички истраги предистражна постапка – координација и соработка со јавното обвинителство”, во организација на Факултетот за безбедност – Скопје, а во присуство на професори, обвинители и судии.
„Станува збор за круцијални систематизирани законски начела во истражно-обвинителскиот сегмент на спроведување на законите, кои што, дефинирајќи ги и регулирајќи ги надлежностите на институциите – полицијата и обвинителството – од една страна претставуваат поголема гаранција за почитувањето на правата на граѓаните, но истовремено се етаблираа и како современа нормативна алатка за поголема ефикасност за органите на прогонот. Дотолку повеќе ако се има предвид фузионирањето на полициската и обвинителската истрага во еден синхронизиран систем, или попластично кажано, синџир на регулирани мерки и активности, стандардизиран согласно најдобрите практики и искуства од оваа област”, рече министерот Спасовски.
Министерот Спасовски се осврна на стекнатите можности за поквалитетно извршување на полициската работа. „Говорејќи од аспект на МВР, преку воведувањето на низата законски механизми, како на пример институтот – криминалистичко истражување, како полициска активност со примена на полициските овластувања или поквалитетно прецизирање на другите видови полициски овластувања, како што се – лишување од слобода, прикриено полициско дејствување, влегување во туѓ дом и други затворени простории, препознавање, полиграфско тестирање и друго – ние практично се стекнавме со објективни можности за уште поквалитетно извршување на полициските обврски и надлежности. И тоа подеднакво: како во смислa на бескомпромисно исполнувањe на обврските пропишани со закон, така и во смисла на почитување на полициските надлежности, минимизирајќи го евентуалниот сомнеж во нивната законита оправданост. Особено низ призмата на јавната опсервација на полициското постапување, имајќи го предвид особено почитувањето на човековите права и слободи”, истакна министерот Спасовски, притоа изразувајќи ја својата увереност дека денешните стручни дискусии и дебати сосема извесно ќе изродат и нови идеи и предлози кои ќе можат да најдат свое место во натамошната практика во овој исклучително чувствителен, а важен сегмент од кривично-правниот систем.
Свое обраќање имаше и Деканот на Факултетот за безбедност – Скопје, проф. д-р Никола Дујовски, кој ја истакна важноста од научен осврт на предизвиците со кои се соочуваат органите на прогонот.
„Интеграцијата во ЕУ подразбира пред се интеграција помеѓу институциите дома. Токму затоа е од големо значење од стручен и научен аспект да се осврнеме на предизвиците со кои се соочуваат органите на прогонот при преземањето на криминалистичките истраги. Суштинските предлози за подобрување на состојбите мора да опфатат промени на законската регулатива, вложување во човечките ресурси и обука, развој на личниот и професионалниот интегритет кај јавните обвинители, судиите и полициските службеници”, рече Деканот Дујовски.