Претседателот Стево Пендаровски и претседателот Александер Ван дер Белен, во рамки на официјалната посета на австрискиот претседател на Република Северна Македонија, денеска се обратија на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Северна Македонија и Австрија”.
Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски:
Почитуван Претседателе ван дер Белен,
Почитувани претставници на австриската и македонската бизнис заедница,
Ценети гости,
Официјалната посета на почитуваниот претседател и наш пријател, ван дер Белен, го симболизира долгогодишното македонско-австриско пријателство и партнерство. Ние не само што немаме отворени прашања меѓу нас, туку наидуваме на постојана, силна и принципиелна австриска поддршка на нашите европски интеграции и стратешки интереси. Затоа ми претставува чест, во оваа посебна прилика, да ве поздравам и да посакам успешна работа на овој македонско-австриски деловен форум.
Имајќи ги предвид одличните билатерални односи, изградената доверба и исклучително плодната економска соработка, клучните прашања и констатации на кои сакам да се осврнам се: која треба да биде основната цел на овој македонско-австриски деловен форум, во услови кога Австрија е веќе најголемиот инвеститор во Северна Македонија? Како овој Форум може да ја унапреди деловната соработка, кога некои од водечките компании во клучните области на енергетиката, телекомуникацијата, градежништвото, банкарството, осигурувањето се во сопственост на австриски инвеститори? Македонската и австриската стопанска заедница се познаваат доволно долго и доволно добро, но, убеден сум дека формални собири од овој тип не можат да одмогнат, напротив!
Ценети присутни,
Постојат барем три добри причини за денешнава средба.
Првата причина е што трговската размена меѓу Северна Македонија и Австрија е сè уште мала ако се имаат предвид квалитетот на билатералните односи, бројот на австриски компании на македонскиот пазар и потенцијалот за развој на двете страни. Тоа зборува дека можностите за соработка не се доволно искористени, особено во сферата на земјоделството и прехранбената индустрија.
Втората причина е фактот дека Европа и светот минуваат низ клучен период. Од една страна се соочуваме со бројни и испреплетени кризи што меѓусебно се зајакнуваат и продлабочуваат. Нема земја што не е погодена од геополитичките ризици, енергетската криза, ценовните шокови и од инфлацијата. Од друга страна, сведоци сме на брза технолошка и дигитална трансформација на производството, пазарот и професиите. Зелената агенда влијае на промената на потрошувачките навики, а со тоа и на понудата и побарувачката. Иновациите и новите технологии можат да понудат решенија за многу од предизвиците со кои се соочуваме. Ова се новите полиња на економска соработка.
Тоа не води до третата причина за организирање на овој форум. За успешно да ги надминеме предизвиците и да обезбедиме долгорочен одржлив раст за Северна Македонија, минатата година ја донесовме Рамката за развој „МКД 2030″ во која утврдивме четири развојни приоритети. Меѓу другото, тие опфаќаат вложување во образованието, дигитализацијата и ИТ секторот, земјоделството, екологијата и енергетиката, особено чистата енергија. Оние компании кои навреме ќе инвестираат во развојот на овие области кај нас ќе се стекнат со конкурентна предност на македонскиот пазар во наредните децении. Затоа, ја користам оваа прилика да ги поканам македонските и австриските компании да соработуваат во областите за кои е утврдено дека ќе бидат наши развојни стратешки прироитети во иднина.
Почитувани стопанственици,
За Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да отвориме новите перспективи во економската соработка.
Улога на државите е да создаваат услови за вие да може полесно и подобро да соработувате. Меѓу Северна Македонија и Австрија нема отворени прашања, туку само отворени можности. Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји. Ви посакувам успешна деловна средба, сигурен сум дека ќе размените важни информации и ќе успеете да се поврзете на начин кој би бил од корист за унапредување на бизнис климата во двете држави.
Наредната 2024-та ќе одбележиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски држави. Во пресрет на тој значаен јубилеј, ве повикувам да ја искористите стекнатата доверба и да ја продлабочите соработката.