Кошаркарите на Црвена Звезда ја совладаа Валенсија со 92-73 и останаа со шанси за пласман во Топ 8 на Евролигата. Првата четвртина започна со изедначена игра на двете екипи, но во вториот период домаќинот бодрен од исполнетата сала “Пионир“ го презеде водството и замина на паузата со предност од 46-41.
Во второто полувреме предноста се зголемуваше, но најдобрата игра кошаркарите на Црвена Звезда ја прикажаа во последниот период кој го добија со 23-11. Најпрецизен во редовите на белграѓани беше Филип Петрушев со 20 поени. Огнен Добриќ уфрли 16 поени, додека аргентинецот Кампацо постигна 15 поени. Во екипата на Валенсија најпрецизен беше Радебау со 14 поени.
Црвена Звезда и Валенсија сега се изедначени на табелата со по 14 победи и шансите за пласман помеѓу најдобрите осум екипи се само теоретски, со оглед на тоа дека на само три кола пред крајот двете екипи заостануваат по две победи позади осмопласнираната Басконија која има 16 победи.