Во изминатиот период во Република Северна Македонија, согласно предвидените активности во Акцискиот план на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022, се донесоа повеќе законски решенија кои беа значителен исчекор во процесот на спроведување на реформите.
Во процесот на европска интеграција и усогласување со европските стандарди ни претстои многу работа, и поради таа причина Министерството за правда и Владата на Република Северна Македонија континуирано се залагаат и преземаат активности кои се насочени кон градење на ефикасен, независен и квалитетен правосуден систем.
Поради долгата собраниска процедура која го блокираше процесот за донесување на Предлог Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Владата на Република Северна Македонија одлучи да го повлече Законот со цел во него бидат вградени сите предложени амандмани кои се во интерес за подобрување на неговиот текст согласно европските вредности. Новиот текст на Предлог Законот за Академија за судии и јавни обвинители беше повторно доставен во владина процедура и истиот беше усвоен на денешната владина седница.