Осумгодишното девојче, кое било држено заклучено во стан во населбата Мириево на Ѕвездара од страна на својот татко Урош Пашајлиќ, се претпоставува дека не одело ниту во градинка ниту во основно училиште, а требало да биде веќе во второ одделение.
Грозоморниот случај на малтретирање и запоставување дете бил откриен кога И. Л., белграѓанка, пријавила во полициската станица дека нејзиниот сопруг Пашајлиќ брутално ја тепал, а нејзиното дете долго време го чувал како роб.
Имено, според сознанијата на српскиот портал „Курир“, тој во друг стан во Борча ја држел заробена својата партнерка (46), која го пријавила за насилство врз неа и со тоа го спасила несреќното девојче од практично сигурна смрт.
Исто така, шокантен е податокот дека се претпоставува оти детето не одело ниту на редовни систематски прегледи, а не било ни вакцинирано. Се поставува прашањето кој ја сноси вината за ова, а очигледно потфрлил целиот систем, со оглед на тоа што девојчето, чија судбина ги потресе Србија и регионот, практично беше невидливо и оставено на милост и немилост на проблематичниот татко, пишува „Курир“.
Детето наводно со години не излегувало од станот, туку речиси цело време било во кадата во бањата. Кога во петокот ја пронашле две полицајки, кои упаднале во станот, таа била во исклучително лоша здравствена состојба.
Девојчето (8) сега е на Универзитетската детска клиника во Тиршова, каде што е примена на рехидратација и повторно хранење.
По раѓањето на детето, од родилиштето ги алармирале службите дека се сомневаат оти родителите не се способни да го згрижат детето бидејќи биле наркомани, а девојчето потоа било сместено во установа за социјална помош по што Центарот за социјална работа поведе постапка за одземање на родителското право на двајцата родители.
Во 2018 година судот донел одлука детето да остане со таткото. Тогаш при мониторингот немало индиции што би упатувале на занемарување и загрозување на здравјето и животот на детето од страна на таткото сè до 2020 година кога во одделението Звездар од полицијата биле известени дека имаат сознанија оти може да се слушне детски плач во станот. Таткото, постапувајќи по полицискиот извештај, малку подоцна одговорил на барањето за разговор со работници од социјалните служби , кои оцениле дека детето нема знаци на запуштеност.
Од таму додаваат дека Центарот немал сознанија оти детето не оди на училиште посочувајќи дека органот за старателство нема обврска да следи дали децата се вакцинирани ниту, пак, дали почнале основно училиште.
„Курир“ разговараше со соседите од Мириево, кои им кажале дека во последните три години најмалку трипати повикале полиција поради детскиот плач што ќе го слушнале од станот на Урош Пашајлиќ.
Велат дека полицијата доаѓала, ќе тропнела на вратата, а кога никој не отворал, си заминувале велејќи дека немаат налог насилно да влезат во станот.
Урош Пашајлиќ (38) вчера беше уапсен по четиридневна потрага поради сомнение дека со години ја држел заробена својата осумгодишна ќерка во стан во Мириево.