Папата Франциск е примен во болницата „Гемели“ во Рим на претходно закажани прегледи, изјави денеска неговиот портпарол Матео Бруни.
Во неделата, 86-годишниот поглавар на Римокатоличката црква се појави во јавноста и, според извештајот на Ројтерс, изгледа дека се чувствува добро.
Папата Франциск боледува од дивертикулитис, инфекција или воспаление на дебелото црево, а во 2021 година беше опериран и му беше отстранет дел од дебелото црево.
Претходно оваа година, папата рече дека инфекцијата се вратила, поради што се здебели, но рече дека не е премногу загрижен, пренесуваат медиумите.
Поглаварот на Римокатоличката црква има проблем и со коленото, поради што за време на јавните настапи се помага со стап и инвалидска количка.