Унгарија ќе го одложи приемот на Шведска во НАТО поради критиките од Стокхолм на сметка на политиката на премиерот Виктор Орбан, соопшти денеска унгарската Влада.
Портпаролот на Владата, Золтан Ковач рече дека премостувањето на јазот бара напор од двете страни.
Шведска и Финска побараа приклучување во воениот сојуз НАТО минатата година, по рускиот напад врз Украина, но процесот беше запрен од Унгарија и Турција.
По неколку месеци одолговлекување од страна на владејачката партија Фидес на Орбан, унгарскиот Парламент завчера го одобри предлог-законот со кој се дозволува Финска да се приклучи на НАТО, но барањето на Шведска и натаму е на чекање.
„Во случајот со Шведска, има голем број поплаки кои треба да се решат пред да се ратификува приемот на земјата“, рече Ковач на својот блог.
Тој рече дека шведските претставници „во повеќе наврати се обидувале по дипломатски пат да ја нападнат Унгарија, користејќи го нивното политичко влијание за да им наштетат на унгарските интереси“, алудирајќи на шведските критики за падот на владеењето на правото од страна на Владата на Орбан во последните 13 години.
Од друга страна, Орбан ги негира овие наводи и тврди дека Стокхолм со години зазема „непријателски однос“ кон Будимпешта.
„Кога ќе се додадат на ова проблемите и поплаките што ги има Анкара, нема многу простор за маневрирање, барем не додека Швеѓаните не го сменат своето мислење и однесување и не помогнат да ги залечат овие долготрајни рани“, рече Ковач.
Турскиот претседател Таип Ердоган минатата недела објави дека турскиот Парламент, исто така, ќе го започне процесот на ратификација на приемот на Финска, додека Шведска ја обвини дека им дава засолниште на курдските милитанти.