Интегрален текст од изјава на Роберт Велјановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош
„На денешната 28-ма Седница на Советот на Општина Карпош и официјално беше промовирана коалицијата помеѓу советничките групи на СДС, Левица и ГРОМ. На граѓаните на Карпош им ја честитаме оваа коалиција но и им упатуваме порака дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија” нема да отстапи од принципиелната борба за хуман урбан развој на општина Карпош.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија” не го поддржа предлог ДУП-от ССЗ 01 блок 10 за Злокуќани, од причина што не само што не се решаваат проблемите на жителите на Злокуќани, туку напротив, проблемите се зголемуваат. Имено, се задоволуваат потреби на поединци и на бизнис заедницата, но не се обрнува внимание на оние жители што чекаат легализација со години и на кои не им се решава статусот. Во предложениот ДУП се вцртани 8 згради за А2 домување, но притоа не се предвидуваат јавни објекти – училиште и градинка за најмалите граѓани кои сега живеат на овој потег, а одат во градинка и на училиште во Бардовци или пак во Влае, но и за оние кои допрва треба да живеат по изградбата на овие објекти.
Додека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ градат градинки и училишта, бришат маркици во интерес на хуманото живеење во нивните општини, во општина Карпош се мисли само како да се изградат згради.
За време на изборната кампања ветувавме дека ќе им ги решаваме проблемите на граѓаните, а не дека ќе им создаваме нови проблеми. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за „Обнова на Македонија” нема да поддржи нехумана урбана бетонизација на општина Карпош, бетонизација која не е поткрепена со соодветна инфраструктура.