Според емпириските истражувања, поголемата вклученост на жените во економијата значи повисок економски раст. Кај развиените економии, вклученоста на жените може да го забрза растот за 10%, додека кај помалку развиените, дури за 30%. Сепак, широкиот јаз помеѓу мажите и жените на пазарот на труд, според вклученоста и валоризацијата, сѐ уште е глобален проблем, кој уште повеќе се продлабочи по пандемијата. Слична е состојбата и во македонската економија. Народната банка е еден од позитивните примери во општеството, каде што учеството на жените на раководни позиции изнесува 70%. Ова го истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во обраќањето на панел-дискусијата „Жените инспирираат“, во рамки на програмата организирана во чест на првите дами на Австрија и на Република Северна Македонија, соопшти НБ.
Говорејќи за родовата нееднаквост во светски рамки, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека кризните епизоди со кои се соочивме изминатите неколку години диспропорционално повеќе ги погодија жените од мажите.
– Ова јасно се согледува преку фактот дека само во првата пандемична година, околу 54 милиони жени во светот излегоа од пазарот на трудот, а се проценува дека 90% од нив, на трајна основа. Со тоа стапката на активност на жените се намали на 47%, така што уште повеќе се продлабочи разликата со стапката на активност на мажите, која е над 70%. Ова значи дека само помалку од половина од работоспособното женско население работи или бара работа, односно е ставено во функција на раст на економиите, посочи гувернерката.
Таа се осврна на македонската економија, која исто така се соочува со предизвици поврзани со родовата нееднаквост. Само околу 45% од жените се активни на пазарот на трудот, а присутна е и сегрегација кај раководните позиции со значително помала застапеност на жените, што доведува и до јаз во платите.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска вели дека општеството има и повеќе добри примери. Во овој контекст, истакна дека угледната британска експертска група ОМФИФ, чиј индекс го мери учеството на жените во раководните тела на институцијата, ја рангира Народната банка како прва во светот во централнобанкарската заедница според родова еднаквост.
На панел-дискусијата модерирана од директорката на Националната галерија на Македонија, Дита Старова Ќерими, покрај гувернерката и првите дами, Елизабета Ѓорѓиевска и Дорис Шмидауер, учествуваа и успешни жени од земјава, претставнички од областа на политиката, деловниот и граѓанскиот сектор, културата и од други области, на која се презентираа нивните досегашни постигнувања, соопшти НБ