Откако по одложувањето на денешната јавна седнца стана јасно дека не постојат и теоретски шанси Апелацискиот суд Скопје да донесе одлука за случајот „Титаник 2“ пред да застари делот на обвинетиот ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, министерот за правда Кренар Лога во писмена реакција повика сите институции итно да преземат мерки за брзи реформи.
Во реакцијата тој вели дека веднаш откако стапил на функцијата, на 14 март испратил допис до Судскиот и Советот на јавни обвинители, како и до Јавното обвинителство во кое побарал поефикасно и навремено преземање мерки за да се спречи застарување на дела и слични ситуации преку одолговлекување на судските постапки.
-Жалам што се дозволи да застари уште еден предмет, ’Титаник 2‘ и тоа за ист обвинет. И покрај мојата заложба да не се мешам во независноста на судската власт, принуден сум да реагирам, да ги повикам сите институции и организации итно да преземат мерки за брзи реформи. Ваквите случаи не му одат во прилог на развојот на општеството туку напротив, со штетата која ќе ја предизвикаат уште повеќе ќе ја поткопаат довербата на граѓаните во целиот систем“, вели Лога.
Мијалков во „Титаник 2“ со првостепена пресуда е осуден на две години затвор за делото примање награда за противзаконито влијание. Меѓутоа, за пресудата да стане правосилна за жалбите треба да одлучи Апелацискиот суд во Скопје.
Таму денеска требаше да се одржи јавна седница, но таа се одложи бидејќи судот констатираше дека дел од учесниците во постапката (обвинети и адвокати) не биле уредно поканети. Имено, од шестмина обвинети, во Апелација дојдоа само двајца – Сашо Мијалков и поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими, како и дел од адвокатите во одбраната.
Следната седница Апелација ја закажа за 13 април, но тогаш делото на Мијалков веќе ќе биде застарено.