Предизвиците на руралната жена и унапредување на нивната состојба во фокусот на панелот „Жени од руралните средини го движат регионот”

Во третиот панел „Жени од руралните средини го движат регионот”, на регионалната конференција „Предизвици со кои се соочуваат жените и девојчињата во регионот на патот кон ЕУ – Гласно и храбро ги поместуваме границите”, учесниците зборуваа за предизвиците на руралната жена и механизми кои се во насока на унапредување на нивната состојба.

Дрита Абдиу Халили , државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања, истакна:   „Наша обврска е да ги идентификуваме предизвиците. Република Северна Македонија е земја која започна преговори за евроинтеграција и треба да ги забрза реформите во сите сфери вклучително и земјоделството. Според извештајот на ЕК за Северна Македонија за родот се истакнува дека треба да се направат анализи да се зајакнат капацитетите и координацјата. Важно е да пристапиме кон овие реформи, затоа што 180 илјади семејства живеат од земјоделство, ” истакна Халили.

Васе Бошкова, раководителката на сектор за земјоделие од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство посочи дека, руралната жена е многу динамична и активна на многу полиња. Од грижа за семејството, до бизнисот, екологијата, агротуризмот.

„Нашата грижа за неа е голема, носителки на земјоделска дејност се 23% и имаме таргет да се зголеми, да учествуваат жените во одлучувањето, ги охрабруваме жените да веруваат во бизнисот, да учествуваат и затоа да бидат екстра бодувани и охрабрени, ” истакна Бошкова. Таа посочи дека, новата програма на министерството со која се плаќа надомест за жените за време на раѓање и породилно отсуство,  надомест кој не беше предвиден согласно Законот за работни односи, сега е регулиран. И руралните жени од Северна Македонија се изедначија во ова право како и жените од регионот.

Анели Леина, регионална директорка на Европскиот регион , We Effect, посочи:  „Верувам во Руралните заедници и верувам во руралните жени. Јас не сум рурална жена и нема да зборувам од нивно име. Веќе беше споменато породилното отсуство за земјоделките е долготрајна тема во државата и задоволство ми е што ние како We Effect можевме да ја поддржиме оваа иницијатива. Ја знам ситуацијата на оваа тема и кога ми објаснија во 2022 година дека жените немаат породилно отсуство, тоа за мене беше шокантно . Жените земјоделки немаат и боледување исто така, доколку сакате да одите во Европската Унија мора да го решите ова,” порача Леина.

Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, изрази благодарност за поддршката од министерството и We Effect. „Јас сум жена од рурална средина, и цел живот работам и ги познавам проблемите кои се соочуваат руралните жени. Кога се зачленив во организацијата во 2006 бевме три жени и не се зборуваше за родова еднаквост. Тоа беше функција која беше машка и само тие можат да ја работат. Но во 2017 година, на чело на организацијата дојдов јас, со поддршка на членовите родовата еднаквост ја ставивме високо на нашата агенда. Од три жени, денес имаме девет жени членки на Управен одбор, но без разлика имаме поддршка од целиот одбор, тоа го вметнавме во самата наша организација и почнавме да се залагаме за правата на руралните жени. Потпишавме и  декларација за соработка со МТСП И МЗШВ со која се обврзавме за  социо- економско  јакнење на руралните жени, “истакна Мојсовска.

Магбуле Хисени, ЕКОКОС,WOMEN од  Косово, истакна:  „Пред да ја формираме нашата организација беше забележано дека се регистрирани 11 000 невладини организации, но ниту една ја нема во фокус руралната жена. Со моите пријатели направивме една иницијатива и формиравме здружение кое во главен фокус ќе ја има токму руралната жена. Работата ја започнавме со идентификација на проблемите, бидејќи руралната жена има недостаток на информации, како и помал пристап до имотот. Од таа причина се посветивме на три главни теми: зајакнување на жените во земјоделството, социо-економско зајакнување и зајакнување на жената во животната средина,” посочи Хисени.

Регионалната конференција, продолжува и утре со нови теми на панелите, на кој земаат учество околу 20 тина говорници и над 100 поканати гости.

Треба да знаете
Последни објави