Во Собранието попладнево, поради отсуство на претставници за дел од точките од дневниот ред, беше прекината 71 седница на која претходно беше разгледан и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.
Предлог на законот се однесува на усогласување на платите на вработените во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со минималната плата и треба да се применува од март оваа година.
Пратеничката Ангелинка Петкова од ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето рече дека како пратеничка група ќе го поддржат ова законско решение со цел олеснување и подобрување на животниот стандард на оваа група граѓани, но посочи дека покачувањето е минимално.
– Во исто време, сакам да потенцирам на предупредувањето што го најавуваше Синдикатот на работниците, од Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани кои го кажаа уште пред една година, дека доколку има зголемување на минималната плата, а Владата нема слух за скалесто покачување на останатите плати, ќе дојде до крах на системот на плати во администрацијата и во правосудството. Дали станува збор за незнаење, за начинот за пресметка на плати на сопствените работници или намерно се прави она што се направи, една цела категорија вработени во администрацијата кои беа барем малку над минималната плата, сега да примаат само минимална плата, рече Петкова.
Пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ напомена дека со ова законско решение ќе се направи усогласување на Законот со минимална плата и Законот администрација. Но, како што рече, ова усогласување ќе биде само во делот на стручната служба во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Поточно, додаде, се менува методологијата за пресметка на плата, се додава минималната плата како категорија и се прави условно усогласување на бодовите.
Тој потенцираше дека вработените од Б и В категорија вработени во ПИОМ нема да почувствуваат никаква промена во плати, а мал бенефит ќе имаат само вработените во Г – категорија.
Според Жаклина Лазаревска од СДСМ, со ова законско решение се оди на подобрување на условите на живеачката на граѓаните.
– Во однос на минимална просечна и синдикална кошница, во декември 2016 година вредноста на минимална синдикална кошница била 32.102 денари. Според Државниот завод за статистика во декември во 2016 година минималната плата била 8.800 денари, а просечната 23.457 денари. За да се задоволи минималната потрошувачка кошница за едно четиричлено семејство, тогаш биле потребни речиси четири минимални плати, односно 1,5 просечни плати. Сега, вредноста на минималната кошница е 51.514 денари. Минималната плата од овој месец е 20.175 денари, а просечната од Заводот за статистика е изнесено дека изнесува 34.364 денари. За да се задоволи минимална потрошувачка кошница сега, за едно четиричлено семејство потребни се 2,5 минимални плати, односно 1,5 просечни плати, рече Лазаревска.
На денешната седница пратениците го разгледаа и Годишниот извештај за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата за 2021 година. Пратениците од опозицијата оценија дека разгледувањето на овој извештај е задоцнето и потенцираа дека државава има високо ниво на корупција која според нив претставува пречка за демократски развој.
За петтата точка од дневниот ред – Интерпелација за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Соња Мираковска, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека нема услови да се отвори.
– Треба да се определи денот на отворање на расправата и на истиот ден да се заврши интерпелацијата, појасни Џафери.
Кон крајот на седницата беше разгледан и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за нациoналната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, за кој беше констатирано дека е прифатлив и може да се даде на второ читање, а гласањето ќе биде дополнително.
За годишниот извештај за работењето на Оперативно-техничката агенција за 2021 година и Годишен извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2021 година, пратениците не се пријавија за збор, па така, претресот по овие точки заврши со прост премин.
По исцрпувањето на горенаведените точки, Собранието ја прекина седницата поради отсуство на претставници за преостанатите точки од дневниот ред, а за продолжувањето на седницата соопштија дека ќе информираат дополнително.