Во Атина е спречен терористички акт од големи размери организиран од странство. Планиранaта цел на терористите била еврејски ресторан-синагога во центарот на градот, во Псири, а нападот да биде извршен за време на велигденските празници во Грција.
Трагедијата е навреме избегната благодарение на заедничката акција на грчката полиција и разузнавачката служба, во соработка со израелската разузнавачка служба, пишува „Политика“.
За планираниот напад, приведени се двајца Пакистанци кои подолго време биле на територијата на Грција и постапувале по наредба на трето лице од Иран кое се смета за „мозок“ на акцијата. Кај уапсените се пронајдени телефони со кореспонденција и информации кои потврдуваат дека веќе бил утврден датумот, местото и списокот на лица кои ќе бидат вклучени во целата акција, се вели во соопштението на грчката полиција.
Уапсените Пакистанци биле подолго време следени, особено по информациите на израелската разузнавачка служба Мосад дека веќе биле гонети на Кипар и Истанбул за планирање напади врз израелски објекти во тие земји. Истрагата во Грција започна на крајот на минатата година. Во телефонот се пронајдени и видео снимки од објектот каде требало да извршат вооружен напад. Како уште едно решение се споменувал и отровнен гас, но најпосле било одлучено тоа да биде експлозија организирана во време кога синагогата ќе биде полна и ќе има многу луѓе и туристи на улиците поради Велигденски празници, иако главната намера на терористите не била да ги напаѓаат грчките цели.