Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на регионалната конференција на тема „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности”, во организација на Стопанската комора на Северна Македонија како дел од активностите на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, што се спроведува во партнерство со УСАИД.
Во продолжение ви го испраќаме неговото интегрално обраќање:
„Ви благодарам на поканата на оваа денешна конференција, со тема на која се радувам дека во последните години го додадовме зборот, можности, наспроти проблеми.
Развојот на нашите држави е меѓузависен и само со кооперативност и компетентност можеме да го искористиме целосниот потенцијал на нашиот регион.
Иницијативата, со своето оригинално име „Берлински процес” која започна во 2014 година, за подоцна да го ребрендира регионот со називот Западен Балкан, е една од најдобрите иницијативи во економска смисла кои му се случиле на овој историски турбулентен дел од Европа. Во тоа време малкумина веруваа дека нешто коренито може да се промени, за сега после скоро една декада сите да бидеме сведоци на промените кои се случуваа во изминатиот период, и несомнено дадоа огромен придонес кон поголема меѓусебна интеграција и соработка нa земјите од целиот регион.
Кога зборуваме за меѓусебната соработка, сите шест земји од регионот имаат потпишано низа билатерални и мултилатерални договори и иницијативи за слободна трговија со кои меѓусебната трговија помеѓу сите нас се одвива без никакви царински и даночни бариери.
Еден од можеби најубавите примери од периодот на пандемијата со КОВИД-19 за регионалната соработка е воведувањето на т.н. зелени коридори кои придонесоа кон многу побрз проток на стоките преку граничните премини, и минимизирање на периодот на чекање на граница на големите товарни камиони со што беше овозможен побрз и безбеден проток на стоките од една во друга држава, со целосно почитување на строгите здравствени протоколи.
Но тоа не значи дека ние сме направиле сè што е потребно како држави, и потполно сме свесни дека пред нас се крупни чекори, како во намалување или отстранување на преостанатите бариери за уште поинтензивна меѓусебна соработка, така и во создавање на посебна подлога за развој на модерни технологии со кои ќе се креираат нови високо платени работни места.
Целиот регион во кој живеат околу 18 милиони жители и кој го има започнато својот пат да стане дел од заедничкиот пазар на ЕУ каде нашите компании ќе имаат можност да ги нудат своите производи и услуги на пазар од околу 500 милиони потрошувачи, сè уште е далеку под стандардот на земјите од ЕУ, со БДП по жител на нивото од околу 30% од просекот во ЕУ.
За да стигнеме до ЕУ просекот е можно, само преку меѓусебна соработка. Регионалната конкурентност, наспроти регионалната конкуренција е нашата можност, за побрзо надминување на предизвиците во модерните времиња на брзи промени.
Економиите секогаш се во зависност од добрата инфраструктура во поширока смисла на зборот, која во сите земји од регионот била целосно запоставена и со ниски стапки на инвестирање во периодот на транзиција, но сега е висок приоритет на целиот регион кој од година во година сè поинтензивно инвестира во сопствената инфраструктура и модернизација на патишта, железници, енергетски капацитети итн. Тука неминовно ќе го спомнам проектот кој нашата Влада ќе го имплементира со кој во наредните четири ипол години Северна Македонија целосно ќе ги комплетира пан-европските автопатски коридори кои поминуваат низ нашата земја: Коридорот 8 со кој добиваме излез на пристаништата во Бургас и Драч, како и Коридорот 10д со кој добиваме подобра поврзаност со нашиот јужен сосед Грција.
Голем е интересот и потребата за создавањето на заеднички пазар на труд, иницијатива која веќе се реализира помеѓу земјите од Опен Балкан, но која во секое време е отворена и за останатите земји од регионот. Постојано добиваме повици од стопанските комори и фирмите од трите држави, се интересираат како ќе се спроведува мерката. Најзаинтересирани се компаниите во ИТ секторот, туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски гранки, градежништво, преработувачка индустрија кои со ова ќе можат да привлечат работоспособна работна сила и да отворат нови работни места.
Со мерката практично се отстрануваат административните бариери за работен ангажман. Ако сега за работна дозвола се чека по два или три месеци и има и административни такси, со оваа мерка се отстрануваат чекањето и бирократиите и се либерализира пазарот на труд, додека платите, придонесите, сместувањето, работникот си ги обезбедува сам или пак фирмата кадешто се вработува.
Станува збор за огромна помош и огромно олеснување за фирмите кои имаат свои претставништва во нашите три држави. Полесно да отвораат нови работни места, офлајн и онлајн и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа. Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите.
Покрај ова, јас во различни состаноци со претставници од вашите земји ја отворам темата за креирање на заедничка платформа и стратегија за привлекување на странски директни инвестиции, што ќе ни овозможи да привлекуваме индустрии кои ќе креираат голем синџир на набавки во сите наши земји и така нема да се натпреваруваме и конкурираме туку заеднички ќе работиме да ги издигнеме нашите домашни компании да можат да се вклучат во меѓународни синџири на набавки со светски стандарди.
Имено, со ваква сеопфатна политика ние во значителна мера ќе придонесеме и за намалувања на миграциите од нашите земји на нашите млади, бидејќи ќе им дадеме поголеми шанси и можности за кариера дома – во Западниот Балкан.
Секако, регионалната соработка овозможува раст и развој на економиите. Предизвиците не се пречка, тие се шанса заедно да ги надминеме и заедно да ги мултиплицираме шансите и можностите кои се отвораат пред нас.
Нашиот регион треба да влезе во ера на соработка за просперитет на сите наши народи. Да се зацврстува економската соработка и инвестициите, да се зајакнува довербата со цел унапредување на трговската соработка.
Продлабочувањето на економската интеграција и соработка помеѓу државите од Западен Балкан преку сите постоечки иницијативи е приоритет на сите народи од нашиот регион. Ова треба да биде Балканот на 21-от век.
Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан”.