Поради неуредна покана за обвинетите и адвокатите, се одложи јавната седница за предметот „Титаник 2“, а следната е закажана за 13 април. Делото на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, му застарува на 7 април. Ова значи дека на него нема да му се суди за изборните нерегуларности. На јавната седница закажана за денеска не дојде обвинетиот Мендух Тачи, па пропадна обидот да се донесе брза пресуда.
Случајот „Титаник 2“, за изборните нерегуларности, два пати влезе во судница во Кривичен суд и по втор пат е во Апелација. Мијалков се гонеше за примање награда за противзаконито влијание.
Предметот го судат претседателот на Советот, Ѓоко Ристов, како и судиите Тања Милева, Лидија Зимбовска, Зоран Димитриевски.
Првата пресуда за „Титаник 2“ беше укината од Апелација во декември 2019 година. Од тогаш до јануари 2023 година предметот се судеше во Кривичен суд. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново ги прогласија обвинетите за виновни. На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.
Пред шест дена Апелација донесе пресуда и за „Плацови на Водно“, со која Сашо Мијалков беше ослободен од затвор и доби условна казна.