По повод Денот на правосудството во Врховниот суд се одржа тркалезна маса за Европската конвенција

  •  Во Врховниот суд на Република Северна Македонија по повод Денот на судството се одржа тркалезна маса на тема „Примената на Европската конвенција за заштита на човековите права – предизвик за судството“. 
  • Честитајќи го Денот на правосудството, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми истакна дека примената на европските стандарди во современ контекст претставува предизвик за целото судство.
  • – Врховниот суд како највисок суд во државата ја има уставната и законска улога да го поттикнува унапредувањето на судската практика, особено од аспект на примената на стандардите на Европскиот суд за човековите права. Тоа дава голем придонес за независноста, ефективноста и транспарентноста како клучни принципи за владеењето на правото, нагласи Адеми, додавајќи дека во Врховниот суд и во иднина ќе се одржуваат вакви средби за повеќе актуелни прашања.
  • На тркалезната маса учествуваа судиите на Врховниот суд, претседателот и членови на Судскиот совет, претседателите на четирите апелациони судови, судии на апелационите судови, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на граѓанските организации и претставници на дипломатски претставништва во земјата. Тие ја поздравија иницијативата на Врховниот суд да се отвори дискусија за актуелни теми и истакнаа дека ваквите средби овозможуваат да се говори за суштинските прашања во судството.
  • – Примената на Европската конвенција за човековите права има исклучително значење за унапредувањето на судската практика, за квалитетот на правдата, за заштитата на човековите права и слободи, за јакнењето на правната култура и едукација и за угледот на судството, беше заклучено на тркалезната маса.
Треба да знаете
Последни објави