(Дојче Веле – редакција на бугарски јазик)
Има многу смисла да се гласа на 2 април. Со својот глас, луѓето – а особено оние кои се колебаат – навистина можат драматично да ги променат изборните пасијанси што ги предвидуваат социолозите. Со малку труд Бугарија може да се турне во подобра насока и во посигурна евроатлантска орбита. Но, за жал и обратно – ако надвладее пасивноста. Пасивноста би донела само проблеми – и потреба од многу големи компромиси со основните вредности за секоја европска демократија при формирањето влада.
Постојаната сугестија дека партиите мора да бидат подготвени на компромиси за да владеат е разбирлива по четирите неуспешни парламентарни гласања. Но, тоа е и опасно затоа што не прави разлика меѓу мали и големи, можни и невозможни, пристојни и непристојни компромиси. Затоа, соодветно е да се направи категоризација на опциите за преговарање за компромис пред петите парламентарни избори. Така луѓето ќе можат да направат поинформиран избор.
Можните компромисни опции за влада
Веројатните постизборни компромиси теоретски се од два типа. Прво, за да има влада, можеби ќе биде неопходно во власта на еден или друг начин да учествува партија со корупциски багаж, како што се ГЕРБ и ДПС во очите на мнозинството Бугари: списокот „Магнитски“ дава и надворешна потврда на овие внатрешно политички ставови. Вториот тип на компромис е вклучување во власта на партии кои се геополитички проблематични – наводно „миротворци“ кои не сакаат да и помогнат на Украина, жртва на агресија. БСП е во оваа категорија, иако нејзината саботажа на пратките со помош понекогаш е само вербална. (Има и трет радикален „компромис“ – вклучување на „Преродба“ во можна влада, но тоа би ја променило целокупната геополитичка ориентација на Бугарија и затоа е исклучено.)
Можните пореалистични компромисни опции за влада, според социолошките прогнози, се следните:
1. Влада на ПП-ДБ со парламентарна поддршка од ГЕРБ-СДС (и евентуално други партии): Добрата работа во оваа опција е што земјата нема да биде управувана од луѓе номинирани од партии со корумпирана репутација, ниту пак ќе зависи од пишман „миротворни“ гласови. Меѓутоа, прашањето за реформите во судството и корупцијата нема многу да напредува. Јасно е дека мнозинството формирано со ГЕРБ не може да произведе судски тела кои можат соодветно да ги истражат скандалите околу оваа партија и нејзиниот лидер. Таквата влада тешко дека ќе се занимава со шемите на моделот „Борисов“, што само по себе ќе биде некаков антикорупциски бонус за земјата. За да се реализира оваа опција, луѓето мора да и дадат на ПП-ДБ јасна предност пред нивните конкуренти од ГЕРБ-СДС;
2. Коалициска влада на ПП-ДБ и ГЕРБ-СДС: Разликата овде е што некои од министрите ќе бидат предложени од партија со корумпирана репутација. Близината на партиите со корумпирана репутација до јавните ресурси ќе биде поголема. Оваа опција не е многу веројатна и е отфрлена од ПП-ДБ, но очигледно ќе ја преферира ГЕРБ и ќе ја користи барем како преговарачка стратегија. Подобриот изборен настап на ГЕРБ ќе им даде аргументи да инсистираат на оваа опција;
3. Влада на ГЕРБ-СДС со широка парламентарна поддршка: Ова е варијанта на влада од типот „Габровски“. Ако гласовите за неа дојдат и од БСП, ќе ги спои и корупцијата и геополитичкиот компромис. Оваа опција би можела да се реализира со поизразено водство на ГЕРБ во изборните резултати на 2 април;
4. Коалициска влада ГЕРБ-ДПС-БСП: Тука геополитичкиот компромис и корупцискиот компромис би биле на својот врв. Затоа, оваа верзија не е многу можна, а луѓето од ГЕРБ намерно бегаат од неа. Но, не треба да се заборави дека на крајот на минатиот состав на парламентот се зборуваше за оваа можност како ветувачка, па затоа не може да се исклучи.
Тежината на компромисите
Овој брз преглед на опциите покажува дека сериозноста на компромисите значително се зголемува од 1 до 4 – односно, некои од опциите бараат поограничени компромиси од другите, особено варијантата 4.
Сепак, колку е подраматична и покризна политичката ситуација, толку поголемите компромиси може да изгледаат оправдани во очите на јавноста – и толку повеќе луѓето можат да ги проголтаат. Така, видовме дека голем дел од кампањата што изминува беше насочена кон генерирање на страв од претстојната катастрофа. Министерот за финансии стана шампион на оваа тема, речиси ја прогласи државата банкротирана, а потоа мораше да објасни дека ситуацијата е сосема спротивна.
„Преродба“ е природен генератор на апокалиптични слики: со таков грд вкус, ништо помалку од метеоритот што ги уби диносаурусите, не би ги убедило Бугарите да и дозволат да дојде на власт.
Сепак, апокалиптичноста на „Преродба“ создава ставови кои се поволни за ГЕРБ и ДПС – со тоа тие стануваат далеку поприфатливи како партнери во власта во таква драматична ситуација.
На крајот на краиштата, корумпираната репутација може целосно да биде проголтана кога астероидот на геополитичка преориентација лета кон тебе. Поради некоја причина, Корнелија Нинова не ја разбира оваа едноставна небесна механика и се обидува да ја имитира „Преродба“ што е можно повеќе преку анти-родови референдуми и други трикови. Со овие потези се лишува од можноста да биде поприфатлива, поумерена алтернатива и всушност кочница на „Преродба“, улога во која се вклопија ГЕРБ и ДПС.
***
На изборите на 2 април Бугарите имаат прилично јасен избор и резултатот зависи исклучиво од нив. Ретко кога демократиите се наоѓаат во позиција во која релативно малите изборни промени можат да имаат големи политички импликации. Двете стратешки задачи со кои се соочува земјата – зачувување на нејзината евроатлантска орбита со продлабочување на интеграцијата во ЕУ и справување со корупцијата – може да се придвижат заедно, без премногу тешки компромиси во една или друга насока. Меѓутоа, луѓето можат да изберат и невкусен залак: Бугарија е сепак слободна земја.