Триесет и едногодишниот Панди Јани е кандидат за градоначалник на општина Пусец, Мала Преспа.
Доцна вечерва тој ја објави кандидатурата како предлог на Партијата на слободата на поранешниот албански претседател Илир Мета, која е дел од изборната коалиција ” Заедно победуваме”.
-Почитувани браќа и сестри Македонци. Ми претставува особена чест и задоволство да ве информирам дека и официјално сум кандидат за градоначалник на општина Пустец на обединетата опозиција. Дозволете најпрвин за мојот избор и поддршка да се заблагодарам на мојата матична партија-Партија на слободата како и на целата обединета опозиција, пишува Јани.
Искрена благодарност изразува и до сите негови “поддржувачи, членови и симпатизери на каузата за подобар живот во Албанија”.
– Велат дека иднината им припаѓа на младите, а јас токму како млад имам јасна визија за општина Пустец. Ветувам дека општина Пустец по мојата победа ќе добие нов лик и ќе стане подобро место за живеење, се со цел да создадеме нешто добро и убаво за младите и идните поколенија, посочува Јани Панди.
Најавува дека во периодот кој што следи, ќе има официјална промоција на пакет програмата со сите проекти кои ќе бидат реализирани во текот на неговиот мандат како градоначалник на општината.
– Ветувам, чиста и модерна ОПШТИНА ПУСТЕЦ, која ќе биде вистински туристички центар… Со почит, стои во објавата.
Панди Јани е против кандидат на актуелниот Пали Колефски (43), кој е заеднички кандидат на владејачката Социјалистичка партија и македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.