Реал Мадрид лесно и убедливо со половина дузина голови (6:0) ја доби пресметката против Ваљадолид во 27. коло од шпанската фудбалска Ла Лига. Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ беше предводен од Карим Бензема, кој три пати ја тресеше мрежата на гостите. По синоќешната убедлива победа на Барселона на гостувањето кај Елче (0:4), „кралевите“ одговорија со уште поубедлив триумф над Ваљадолид. Можеби битката за титулата е недостижна, но двата ривали в среда го играат реваншот во Копа дел Реј, па со голема самодоверба ќе влезат во тој натпревар.
Резултатот го отвори Родриго, а потоа на сцена стапи Карим Бензема, кој за 7 минути постигна хет-трик. Прво со глава ја затресе мрежата на гостите, потоа биеше неодбранливо од врвот на шеснаесетникот за 3:0, за на крајот атрактивно со акробатски потег да забележи нов гол и 4:0 пред паузата.
Во продолжението од натпреварот, Асенсио погоди за 5:0 во 73. минута а конечниот резултат го постави Лукас Васкез во втората минута од судиското надополнување.