Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, разговараше за случајот со Американецот Еван Гершкович, осомничен за шпионажа.
Лавров повика на почитување на одлуките на руските власти, донесена врз основа на законодавството и меѓународните обврски на Русија, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.
Според информациите, во денешниот разговор инициран од американска страна, било нагласено дека е неприфатливо функционерите во Вашингтон и западните медиуми да му „даваат политичка боја“ на случајот.
Лавров посочи дека Гершкович бил „фатен на лице место додека се обидувал да добие тајни информации, прибирајќи информации што претставуваат државна тајна под превезот на статусот на новинар“, според руското министерство.
Нагласено е дека судот ќе одлучува за понатамошната судбина на Гершкович, за чијшто притвор врз основа на утврдени факти била известена американската амбасада во Москва.
Стејт департментот, пак, објави дека Блинкен на Лавров му ја пренел сериозната загриженост на САД во врска со, како што вели, неприфатливото приведување на американскиот новинар од страна на Русија и повикал на негово итно ослободување.
Руските безбедносни службеници во четвртокот го приведоа новинарот на Вол Стрит Журнал, Еван Гершкович (31) и го обвинија за шпионажа. Волстрит журнал го негираше обвинението и побара ослободување на својот известувач.