Боки 13 четврти ден на интензивна нега, адвокатот Туфегџиќ чека одлука дали, по тешката операција, ќе го вратат во „Идризово“

Бојан Јовановски-Боки 13, четврти ден по операцијата, за која докторите и адвокатите рекоа дека е животозагрозувачка, се наоѓа на одделот за интензивна нега. Тој и натаму е во ризична состојба откога докторите му го отстранија речиси целиот желудник за да избегнат канцерогена состојба. До операцијата дојде кога медицинарите преку конзилијарни мислења и адвокатите во судот и јавноста, алармираа дека здравјето на Боки 13 е во лоша состојба, а можност за лекување, според болничките препораки, нема во затворот „Идризово“. Пред Кривичниот суд се води нова битка, Боки 13, по операцијата, да добие привремен отпуст, а адвокатот Владимир Туфегџиќ за „Макфакс“ посочува дека уште нема добиено одлука.

Добивај вести на вибер

„До овој момент немам сознанија дали Кривичниот суд има донесено одлука по барањето за прекин на издржувањето казна, ниту сум примил одлука. Известен сум дека Кривичниот суд доставил барање за здравствената состојба на Бојан Јовановски до ЈЗУ УК за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ веднаш по извршениот оперативен зафат и дека од страна на Клиниката соодветно е одговорено, а за други детали не сум запознаен“, вели Туфегџиќ за „Макфакс“.

Повеќе од четири часа траела операцијата на Бојан Јовановски-Боки 13. Хирургот Јованов посочува дека ова е последица на несоодветното лекување што го имал Боки 13, а чиј правен тим постојано праќаше аларм дека ќе биде подложен на операција доколку не добие прекин на казната за здравствената состојба да му се третира во согласност со препораките.

„И претходно не можеше да се лекува, а сега, пак, воопшто“, вели хирургот Јованов за „Макфакс“ прашан дали, по операцијата, Боки 13 може да се лекува во затворот.

Пред еден месец на Боки 13 му беше одбиено барањето од Кривичниот суд за прекин на казната. Истакна и жалба на решението за која однапред посочи дека очекува да биде одбиена по што и таква одлука беше донесена – тој да остане во затворот. До јавноста беа испратени и низа конзилијарни мислења, а во едно од нив потпишано од десетина доктори стоеше: „Во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста, кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман, што би значело лекување исклучиво во домашни услови, веднаш и неодложно по завршување на болничкото лекување бидејќи пациентот со ваква здравствена состојба и опишаните ризици од неа, медицински е недозволено да се лекува во пенални услови“. Овој документ го добиле и во Кривичниот суд, но и во Управата за извршување санкции при одлучувањето по однос на прекинот на казната.

Во средината на февруари Боки 13 беше вратен во затворот. Адвокатите алармираа дека е во претканцерогена состојба и дека таа ќе се влоши. Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.

Бидејќи немаше институционална реакција, а осудениот остана во затворот „Идризово“, Боки 13 побара реакција и од Амбасадата на САД.  За тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Боки 13 во затворот.

На почетокот од март до јавноста беа доставени и медицински белешки со потписи и печати од разни доктори од итната медицинска помош по прегледи направени во затворот. Правниот тим на Боки 13 посочи: „11 лекари од брзата помош утврдија дека Боки 13 не може да се лекува во затворот“. Во нив, според нив, стои дека Боки 13 не може да ја добива препишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба.

На средината од март преку ново соопштение од правниот тим се алармира дека поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба. Тие прашаа: „Кому му одговара да умре?“ Потсетија и на претходните ставови дека третманот што го има Боки 13 го носи само кон операција, која може да има и смртен исход, а за која докторите им посочиле дека не може да гарантираат за успешноста.

Истиот ден Кривичниот суд за „Макфакс“ посочи дека ја одбил жалбата на Боки 13, со која бараше прекин на казната поради влошената здравствена состојба.

На средината на март првпат во јавноста се обрати мајката на Боки 13, Јасминка Јовановска. Посочи дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најави дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирани лица.

„Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста за човечност и разумност во овие чувствителни моменти“, напиша таа, а на писмото се потпиша и нејзиниот сопруг Миле Јовановски.

Адвокатот Туфегџиќ испрати и ново барање до Кривичниот суд за прекин на казната на Боки 13. Адвокатот посочи дека Кривичниот суд и Управата за санкции знаеле за последиците што Боки 13 може да ги има ако не се почитуваат лекарските мислења кога донеле одлука да не дадат прекин на казната.

Боки 13 одново беше хоспитализиран во болницата „Св. Наум Охридски“ на 17 март. Од правниот тим беше известено дека ќе биде опериран бидејќи тоа веќе е неизбежно, а хирурзите што ќе го извршат оперативниот зафат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сето тоа поради нејзината сложеност.

Треба да знаете
Последни објави