Американското Министерство за правда и агентите на ФБИ собраа нови докази кои укажуваат дека поранешниот американски претседател Доналд Трамп можеби ја попречувал истрагата за доверливите документи пронајдени во неговиот имот на Флорида, објави Вашингтон пост.
Агентите на ФБИ заплениле неколку илјади владини документи минатиот август, некои од нив високо доверливи, од имотот на Трамп во Мар-а-Лаго.
Ова е само една од двете кривични истраги што специјалниот обвинител Џек Смит ги води против поранешниот американски претседател, пренесува Ројтерс.
Трамп, кој беше обвинет во четвртокот во посебен случај, негираше дека сторил нешто незаконско и ги нарече истрагите политички мотивирани.
„Вашингтон пост“ додава, повикувајќи се на извори запознаени со истрагата, дека откако неговите правни советници добиле судска наредба да ги вратат доверливите документи, Трамп поминал низ некои од кутиите со владини документи што биле во неговиот дом, во очигледен обид да задржи одредени работи.
„Пост“ додаде дека иследниците имаат и докази кои укажуваат дека Трамп им рекол на соработниците да ги доведат во заблуда владините претставници на почетокот на 2022 година, пред да стигне поканата, кога американската Администрација за национални архиви и записи работеше на враќање на документите од Трамп од времето кога тој беше претседател.
ФБИ упати прашања до американското Министерство за правда, кое веднаш не одговори на барањето за коментар.
Во изјава за „Вашингтон пост“, портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, вели дека „гонењето на поранешниот претседател Трамп нема никаква фактичка или законска основа“ и ги обвини специјалниот советник Смит и Министерството за правда дека се обидуваат да манипулираат со јавното мислење со објавување информации до јавноста.
Покрај случајот против него во Њујорк, Трамп се соочува со испрашување во државата Џорџија за тоа дали тој наводно се обидел да ја сврти својата загуба од ривалот Џозеф Бајден во своја корист по претседателските избори во ноември 2020 година.
Трамп во вторник ќе се појави пред судот во Њујорк, каде ќе одговара на прашањата дали ја подмитил порно ѕвездата Сторми Даниелс да не зборува за наводна врска со него.