Новак Ѓоковиќ се врати на првото место во светот и ја започнува рекордната 381. недела на врвот на АТП-листата.
Ѓоковиќ, на врвот има 380 бодови повеќе од Шпанецот Карлос Алкараз. Од 9 април во Монте Карло Ѓоковиќ и Алкараз повторно ќе ја започнат борбата за првото место.
Новак на тој начин продолжува да го зголемува сопствениот рекорд по бројот на недели на првото место, место кое првпат го освои во јули 2011 година. Интересно, кога ќе се погледне АТП листата од пред точно 11 години, Ѓоковиќ е единствениот кој остана во топ 10 и тоа на првото место.
Од преостанатите девет во првите десет во април 2012 година, Рафаел Надал падна на 13., Енди Мареј на 52., а останатите седуммина се пензионираа: Федерер, Ферер, Цонга, Бердих, Типсаревиќ, Фиш и Дел Потро.
Данил Медведев ја освои титулата во Мајами и напредуваше за една позиција. Тој сега е на четвртото место. Финалистот во Мајами, Јаник Синер, влезе во Топ 10. Италијанецот е деветти во светот.