Француската министерка во владата на Емануел Макрон, Марлен Скиапа, ќе се појави на насловната страница на магазинот „Плејбој“. Таа ќе се појави целосно облечена, во интервју кое ќе опфати дури 12 страници од француското издание на популарниот магазин. Во априлското издание на магазинот таа зборува за правата на жените и ЛГБТК луѓето.
Нејзината одлука да се појави на насловната страница беше критикувана од некои колеги политичари, кои во моментов се соочуваат со немири во јавноста поради пензиските реформи на Макрон.
Предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години предизвика масовни штрајкови и насилни протести какви што Франција не видела со години. Пратеничката на Зелените, Сандрин Русо изјави за BFM TV: „ Каде е почитта за францускиот народ? за луѓето кои ќе треба да работат уште две години повеќе, кои демонстрираат, кои нема да бидат платени деновиве, кои не можат да јадат поради инфлацијата. Немам проблем никаде да бидат изложени женските тела, но има социјален контекст“.
Француската премиерка Елизабет Борн наводно ѝ се јавила на колешката Скиапа за да ѝ каже дека позирањето за насловната страница на Плејбој „воопшто не е соодветно – особено во сегашните околности“. Сепак, Скиапа, која е и мајка на две деца, ја бранеше својата одлука на Твитер.
„ Ги бранам правата на жените да прават што сакаат со своето тело: секаде и постојано. Во Франција жените се слободни. Без разлика дали тоа им пречи на назадниците и лицемерите или не“, рече таа.
Францускиот уредник на Плејбој, Жан-Кристоф Флорентин, рече дека Скиапа е најкомпатибилна за Плејбој од нејзините колешки поради нејзините феминистички ставови. Изданието на магазинот со француската политичарка на насловната ќе биде достапно во продажба од 8 април, пишува весникот „Парисеиен“.
Скиапа беше авторка и блогерка која се занимаваше со женски прашања, пред Макрон да ја назначи за министерка во 2017 година. Додека беше министерка за еднаквости, таа воведе закон со кој прозивките и уличното вознемирување станаа незаконски. Таа, исто така, еднаш ја пофали француската кампања започната на социјалните мрежи во ерата на движењето #MeToo, наречена „изложи ја својата свиња“.