Менаџментот на Стопанската комора на Северна Македонија, предводен од претседателот Бранко Азески денеска имаше средба со д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), која минатата недела беше реизбрана за уште еден мандат на позицијата.
На состанокот претседателот Азески ѝ честиташе на Штерјова Душковска за реизборот и ѝ посака успех во извршувањето на оваа функција во следните две години. Азески изрази уверување дека соработката со КИФ, каде членуваат шесте стопански комори од регионот (Стопанската комора на Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово), ќе продолжи да се зацврстува и во наредниот период и со заеднички напори успешно ќе се справат со предизвиците со кои се соочува бизнис секторот во земјите од Западен Балкан.
Д-р Татјана Штерјова Душковска е генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан, од март 2021 година. Има десетгодишно работно искуство во Стопанската комора на Северна Македонија, на различни позиции. Образованието го стекнала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломирала во 2005 година, магистрирала во 2010 година, и докторирала во 2017 година, во областа на граѓанското процесно право. Учествувала на десетици меѓународни конференции, семинари и работилници и е автор на 17 научни трудови, како и на 5 публикации.
Во изминатите две години Штерјова Душковска ја предводеше работата на Секретаријатот на Коморскиот инвестициски форум со седиште во Трст, асоцијација на шесте стопански комори од регионот на Западен Балкан, која претставува 350.000 компании од регионот и обезбедува вклучување на приватниот сектор во спроведувањето на регионалната економска агенда на Западен Балкан, преку имплементација на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар, кој треба да придонесе за обезбедување на слободниот проток на стоки и услуги, лица и капитал во регионот, но и зајакнување на соработката на полето на дигитализацијата, индустријата и иновациите.
Во рамки на Акцискиот план за Заеднички регионален пазар Коморскиот инвестициски форум во изминатите две години ја предводи Регионалната програма за развој на добавувачи, преку која 2600 компании од регионот добија услуги поврзани со олеснување на трговијата во регионот, додека 950 компании добија индивидуализирана, tailor-made поддршка за унапредување на нивното работење и обезбедување на можности за прекугранично финансирање.