Напаѓачот на Фулам Александар Митровиќ доби казна за инцидентот на натпреварот против Манчестер Јунајтед
Србинот е суспендиран на осум натпревари поради нападот врз судијата Крис Кавана, кој досуди пенал за Јунајтед кога гостите водеа на Олд Трафорд и го исклучи Вилијан.
Митровиќ веднаш по Бразилецот ја напушти играта откако Кавана му покажа црвен картон поради непримерна реакција
. Српскиот репрезентативец по неговата одлука неконтролирано одеше кај главниот судија, постојано влегувајќи му во лице до тој степен што дури и соиграчите го разделија. Покрај суспензијата од три натпревари што автоматски следеше по неговото исклучување, Фудбалската асоцијација додаде уште една суспензија од пет натпревари и парична казна од 75.000 фунти.
Менаџерот на Фулам, Марко Силва, кој исто така беше исклучен за натпреварот против Манчестер Јунајтед, доби суспензија на два натпревари и парична казна од 40.000 фунти поради неговото однесување и коментари.
„Утврдивме дека стандардната казна што вообичаено би била применета за Александар Митровиќ поради насилничкото однесување што го направи кон судијата на натпреварот околу 72. минута е очигледно недоволна“, соопштија од раководството на лигата.
Суспензијата на Митровиќ на осум натпревари е една од најтешките казни изречени во Премиер лигата. На Дејвид Прутон му беа доделени десет натпревари во 2005 година бидејќи го турна судијата Алан Вајли откако му беше покажан црвен, додека Паоло Ди Канио пропушти 11 натпревари бидејќи го турна судијата Пол Алкок на земја.



