Задоцнета е мерката со замрзнувањето на цените на земјоделските производи и тоа може да му наштети на домашното производство. Сега се потребни интервентни мерки во земјоделскиот сектор, изјави Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ на трибина во Прилеп.
-Мерката со замрзнувањето на цените на земјоделските производи сметаме дека требаше да биде донесена многу порано кога Македонија јадеше увозна храна, зеленчук и овошје. Сега, во ситуација кога стасува домашното производство, практично е нелогично да се замрзнуваат цените, зашто ова производство беше произведено по високи цени. Значи, владата требаше навремено да ги замрзне цените и на нафтените деривати, и на електричната енергија, и на ѓубривата и на препаратите за денеска да имаме рентабилно производство, изјави Трипуноски на трибината со земјоделците во Прилеп што ја организираше ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, со ова замрзнување само се уништува домашното производство кое е на стаклени нозе.
-Сега треба интервентно да се реагира во земјоделскиот сектор за да се помогнат земјоделците кои преживеаја тешка година со сите зголемувања на цените, посебно на репроматеријалите.За жал не можеме да констатираме добри успешни политики предводени од Владата. Меѓутоа тука е ВМРО-ДПМНЕ на оваа трибина да понуди конкретни решенија и мерки како за брзо време од сега преку конкретни решенија и проекти ќе донесеме позитивни политики во земјоделскиот сектор. ВМРО-ДПМНЕ останува да биде светлата точка на крајот од тунелот во кој што се наоѓаат земјоделците во актуелната ситуација и со едни добри политики ќе значи враќање на достоинството на македонскиот земјоделец. ВМРО-ДПМНЕ било и ќе остане посветен и сериозен партнер на земјоделците кои што едноставно ќе можат да егзистираат во наредниот период во Република Македонија, , изјави Трипуноски на трибината со земјоделците од Пелагонискиот регион.



