Потребна е сеопфатна студија за да се види колкав процент и број на лица со аутистичен спектар има во земјава, со цел да се изработат адекватни законски решенија и да се овозможи планирање на бројот на асистенти, истакна Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државата Стево Пендаровски, на панел-дискусијата „Пристап кон аутизмот“ што се одржа во Европска куќа по повод одбележувањето на Светскиот ден за подигнување на свесноста за аутизмот.
– Бројот на лицата со аутистичен спектар се зголемува, иако го немаме точниот број. Секојдневно во работата гледаме дека имаме зголемен број на лица со аутистичен спектар. Затоа, потребно е да се вложува во дневни центри затоа што социјализацијата е особено важна за лицата со аутистичен спектар, нагласи Ѓоргиевска.
Како што информира Кабинетот на претседателот, Ѓоргиевска истакна и дека постои поголема свесност за лицата со аутистичен спектар во смисла на нивно рано дијагностицирање, нивно третирање и рехабилитирање, а со подигнувањето на свеста за овие предизвици ќе им се помогне за подобар квалитет на живот.
На панел-дискусијата се обратија Анѓела Милевска, специјален едукатор и рехабилитатор, Дамјан Павлов, студент по медицина, Денис Јанкуловски од „Аутизам ААМК“ и Домника Кардула, родител на дете со аутизам.
– Панел-дискусијата е можност да се дискутира за пристапот кон аутизмот и значајноста на холистичкиот пристап кон грижата за аутизмот, истражувањето и развојот на аутизмот, како и други теми од важност за аутизмот. Настанот е продолжение на серијата дебати од областа на здравството коишто се реализираат со поддршка на сопругата на претседателот и амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, во соработка со Клубот на млади лекари и со учество на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, Здружението на студенти по медицина и здруженија и поединци кои делуваат во оваа област, информира претседателскиот Кабинет.



