Петровска: Донациите за Украина не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата

„Донациите кои Северна Македонија ги одвојува за Украина не ја нарушуваат борбената готовност на Армијата. Доколку тоа беше случај ние немаше да ги предложиме тие одлуки. Без оглед на мојата политичка волја да се помогне, ако Генералштабот даде негативно мислење, јас нема да се осмелам да предложам таква одлука до Владата“ рече министерката за одбрана, Славјанка Петровска во нејзиното гостување на ТВ Шења.

Таа додаде дека не се точни шпекулациите дека свесно се отуѓува имотот на Армијата и дека се нанесува штета на нејзината способност, за што говорат и бројките.

„Тоа ќе беше случај ако минатите години не се вложуваше во Армијата. Процентот на раст на буџетот за одбрана од 2017 година наваму говори за нешто сосема друго. Се надополнува сиот изминат период кога во Армијата малку се инвестирало – не само во вооружување и опрема, туку и во човечки ресурси“ рече Петровска.

Министерката кажа дека оваа година над 33 отсто од буџетот за одбрана е издвоен за модернизација и опремување на Армијата.

„Хеликоптерите кои Северна Македонија ги донираше на Украина се нефункционални за нас бидејќи немаме резервни делови, кои се од руско производство. Старите хеликоптери, произведени во 1984 година ги заменуваме со нови од западно производство. Благодарни е мал збор за да се опише чувството на Украина кон Северна Македонија. Свесни се за брзината со која ги носиме одлуките. Секогаш кога некакво барање ќе добиеме од нивна страна се обидувам брзо да го процесуирам до Генералштабот и тие повратно да ме информираат за дали барањето може да биде исполнето или не, дали ќе наштети на нашата армија или не“ рече министерката за одбрана.

Таа додаде дека доклку Генералштабот утврди дека барањето може да биде исполнето, министерството предлага до Владата, која носи политичка одлука за да се помогне.

„Македонија е меѓу десетте земји по број на донации споредено со глава на жители кои најмногу подарија на Украина“ рече Петровска.

Министерката истакна дека подготвеноста на Северна Македонија да помогне на Украина е ценето од НАТО алијансата, бидејќи докажува дека државата може да носи брзи одлуки кога тоа е потребно.

„Украина е самостојна држава која има право да го одбрани сопствениот територијален интегритет и своите граѓани. Украина не војува, туку ја брани територијата и на тоа има право, рече министерката за одбрана.

Таа додаде дека останатите земји дел од цивилизираниот свет имаме морална обврска да ја поддржиме Украина во тоа.

„Од почетокот на руската инвазија, Северна Македонија зазеде јасна позиција. Тоа е национална одлука, ненаметната од никого. Ја осудивме инвазијата и нападот врз една суверена и самостојна држава и врз основа на таа политичка одлука донесовме и други одлуки како приклучување кон санкциите против русија и седум одлуки за донирање на различен вид вооружување и воена опрема“ рече Петровска.

Министерката кажа дека при нејзината посета на Украина не можела да остане рамнодушна на тоа што се случува таму и на траорните слуки кои сведочат за масакрите.

Треба да знаете
Последни објави