„Џонсон и Џонсон“ се подготвени да платат отштета од речиси 9 милијарди долари за да се решат десетици илјади тужби со кои се соочуваат во Северна Америка.
Поднесени се тужби поради тврдењата дека пудрата за бебиња од „Џонсон и Џонсон“ и другите производи на база на талк предизвикуваат рак. Здравствениот гигант истакна дека сè уште верува дека тврдењата се „лажни“, но се надева дека новата понуда за спогодба ќе помогне да се заврши правната битка.
Новата понуда претставува големо зголемување во однос на претходниот предлог од 2 милијарди долари отштета. Компанијата тврди дека новата понуда добила значителна поддршка од луѓето поврзани со случајот. Повеќе од 40.000 поранешни клиенти тврдат дека употребата на бебешка пудра на база на талк предизвикала рак, вклучително и некои кои тврдат дека производот содржи азбест што предизвикува рак.
Компанијата ја прекина продажбата на својата пудра за бебиња базирана на талк во САД во 2020 година, наведувајќи ги за „дезинформации“ кои ја намалија побарувачката за производот. Минатата година објавија дека подготвуваат план за стопирање на продажбата на производот на глобално ниво, пишува Би-Би-Си.
Пред таа одлука, компанијата продавала бебешка пудра речиси 130 години, а сè уште продава верзија на производот што содржи пченкарен скроб. Компанијата се обидува да ги реши побарувањата во стечајниот суд од 2021 година, откако формираше подружница за штети.
Сепак, нејзините напори наидоа на проблеми откако претходната одлука на судот за стечај покажа дека подружницата не е во финансиски тешкотии и не може да го користи стечајниот систем за подмирување на побарувањата. „Компанијата продолжува да верува дека овие тврдења се лажни и немаат научна основа“, рече Ерик Хас, светски потпретседател за судски спорови на „Џонсон и Џонсон“.
„Решавањето на ова прашање преку предложениот план за реорганизација е и поправедно и поефикасно, обезбедува навремена компензација на барателите и ѝ овозможува на компанијата да остане фокусирана на нашата посветеност за длабоко и позитивно влијание врз здравјето на човештвото“, додаде тој.
Од компанијата истакнале дека ги добиле повеќето судски процеси против нив. Сепак, тие имале и некои значителни загуби, вклучително и една одлука во која на 22 жени им била доделена отштета од над 2 милијарди долари.