Алармантно- за две години повеќе од двојно зголемен бројот на пијани возачи

Велешанецот Ангелче Николов (30) на 17 декември лани, возејќи пијан, на пешачки премин ја усмрти 11 годишната Магдалена, а тешко ја повреди нејзината мајка по што избегал. А го убил девојчето откако свесно седнал во автомобил, иако нему претходно веќе му биле изречени две прекршочни казни за забрана за управување со моторно возило поради алкохолизираност, кои не ги почитувал.

Николов минатиот месец беше осуден на 18 години затвор и забрана за управување моторно возило. На Николов му е изречена мерка притвор бидејќи судот сметаше дека тој може да избега ако биде на слобода.

Тој е само еден од над 10.000 пијани возачи кои сообраќајната полиција успеала да ги фати лани како во алкохолизирана состојба „крстосуваат“ по македонските патишта и ги доведуваат во опасност своите, но и животите на другите учесници во сообраќајот.

Според статистиката, бројот на пијани возачи се золемил за двојно, а се почесто полиција фаќа екстремно алкохолизирани возачи.

Според тековната регулатива, возачот не смее да управува возило, ниту да започне да управува возило во сообраќајот ако е под дејство на алкохол. Под дејство на алкохол се смета дека е возачот доколку при анализа на крвта или преку апарат за мерење на алкохол во организмот му се утврди дека има количество од 0,50 г алкохол.

Иако не е ретко сообраќајната полиција да открива возачи со над 2 промили алкохол, фрапантни се информациите за пијани возачи со над 4 промили алкохол во организмот.

Рекордер е возач во Илинден кој лани во отомври бил фатен со дури 4,14 промили алкохол, а пред неколу дена полициски службеници од СВР Охрид, при сообраќајна контрола на автомобил „опел астра“ со охридски таблички во Струга, го санкционираа возачот К.Б. бидејќи по извршеното алкотестирање биле измерени 4.07 промили на алкохол.

Според законот, под дејство на алкохол како и со 0,09 г алкохол во организмот, возачот не смее да го управува возило доколку е: возач-почетник; возач на моторно возило од категориите: „БЕ“, „Ц1“, „Ц1Е“, „Ц“, „ЦЕ“, „Д1“, „Д1Е“, „Д“ и „ДЕ“; возач на возило со кое се врши јавен превоз; возач на возило на кого управувањето со возило му е основно занимање;нвозач инструктор и кандидатот за возач – за време на оспособување во практичното управување со возило и претседателот и членовите на испитната комисија и возач кој не поседува возачка дозвола.

Глоба од 225 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возач кој има алкохол во крвта од 0,51г до 1,00г, како и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од три (3) до шест (6) месеци, под услови и постапка утврдени со закон.

Глоба од 275 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возач кој има алкохол во крвта од 1,01г до 1,50г, како и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од шест (6) до девет (9) месеци, под услови и постапка утврдени со закон.

Глоба од 325 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возач кој има алкохол во крвта од 1,51г до 2,00г, како и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од девет (9) до дванаесет (12) месеци, под услови и постапка утврдени со закон.

Глоба од 375 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на возач кој има алкохол во крвта од 2,01г и повеќе, како и прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило од дванаесет (12) месеци, под услови и постапка утврдени со закон.

Сепак, со најавените промени на Кривичниот законик се предвидува ново кривично дело кое ќе гласи „Безобѕирно управување со моторно возило“, а за истото се предлагаат парични казни или казна затвор до три години.

Во таа категорија ќе се смета и возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50 г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, како и возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина кои досега се казнуваа прекршочно.


Треба да знаете
Последни објави