Средните училишта во Грција, како и последните две одделенија од основите училишта ќе добијат интерактивни табли, нова дигитална алатка која ќе помогне во наставата, јави дописничката на МИА од Атина.
Планирано е да бидат поставени вкупно 36.000 интерактивни табли, а проектот во вредност од 150 милиони евра е со средства од Фондот за закрепнување на ЕУ.
Портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека се искористени средства од Европската Унија – „Next Generation EU“, „со цел да се поддржи дигиталната трансформација на образованието“.
Објасни дека паралелно е предвидена обука на наставниците и професорите во креирањето на дигитално – интерактивната едукативна содржина.
Првите интерактивни табли беа поставени во основно училиште во Атина, кое утрово го посетија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерката за образование на Грција Ники Керамеос.
Мицотакис рече дека е импресиониран од новиот начин на настава, истакнувајќи дека еден од нивните централни приоритети е на наставниците да им се даде поголема флексибилност тие да го обликувате начинот на настава со користење на новите алатки.
Министерката за образование посочи дека до традиционалната табла сега постои „нов дигитален наставен прозорец кој отвора многу нови можности за децата“.