Костадиновска-Стојчевска: Министерството за култура е искрен поддржувач на Стратегијата за инклузија на Ромите

– Културата не е привилегија, културата не е сопственост… културата е чувар на сите историски „плими и осеки”, без разлика кои сме и каде сме. Ромската култура е доказ дека може да живеете на периферијата, а да го освоите светот. Зарем тоа не го постигна неповторливата Есма Реџепова. Или режисерот со светско реноме, Рахим Бурхан. Или кларинетистот Исмаил Лумановски, кој преку своите извонредни изведби и импровизации ја афирмира и ромската музика. Школуван е на престижниот Универзитет „Џулијард” – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска на конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори”, која се одржа во пресрет на 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите.

Костадиновска-Стојчевска истакна дека Министерството за култура е силен и искрен поддржувач за реализација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030, која, на конференцијата, ја презентираа претставници на Институтот за истражување и анализи „Ромалитико”.

– Ќе повторам, она што ѝ го должиме на ромската култура, е нејзино институционално зачувување, нејзин развој и промоција. Тоа го правиме и убедена сум дека ќе биде направено и порано од рокот што си го зададовме – нагласи министерката за култура. Таа додаде дека за оваа година, преку Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата, Министерството за култура поддржа голем број проекти на ромски автори, манифестации и фестивали во издавачката, фолклорната, драмската и во меѓународната дејност.

Костадиновска-Стојчевска потсети дека преку програмата „Креативна Европа”, Европската комисија го одобри повеќегодишното финансирање на извонредниот проект „Рома рок скул” за бесплатно музичко образование за сите талентирани деца и млади кои не можат финансиски да си го дозволат ниту тоа образование, а уште помалку да купат инструмент.

– „Рома рок скул” во изминатите години создаде многубројни бендови, со членови од сите етнички заедници, кои на рок-музиката ѝ додадоа уникатен шарм вметнувајќи делови од ромскиот мелос. Би рекла, доволно причини за да бидат кофинансирани и преку конкурсот на Министерството за култура за „Креативна Европа” – рече Костадиновска-Стојчевска.

На конференцијата, која се одржа под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, воведно обраќање имаа шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир; министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска; министерот за здравство, Фатмир Меџити; министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.

Во рамките на втората панел-дискусија: „Како институционалната поставеност во државата одговара на текот и следните чекори на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030″, се обратија претставници на институции, невладини организации и претставници од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Треба да знаете
Последни објави